Напредокот во технологијата на производство на топки постојано одеше напред. „Адидас“ ја произведе првата „Телстар“ за ЕП 1968, а потоа преку „Телстар“ и „Танго“, првата целосно синтетичка топка во 1980-тите години, се дојде до денешните топки, кои станаа полесни и побрзи, а за идните топки се соработува со НАСА
Во најраните периоди фудбалската топка била правена од кожа, за во модерно време, со најновата технологија, да се дојде до „Унифорија“, топката наменета за Европското првенство (ЕП) што треба да се игра в година и ја претставува најновата технологија во изработка на фудбалските топки, пишува на својата интернет-страница Европската фудбалска унија (УЕФА) за еволуцијата на фудбалската топка. Напредокот во технологијата на производство на топки постојано одеше напред, откако „Адидас“ ја произведе првата „Телстар“ за ЕП 1968 во Италија. Потоа преку „Телстар“ и „Танго“, првите целосно некожени топки од средината на 70-тите и 80-тите години на минатиот век, се дојде до денешните топки, кои станаа многу полесни и побрзи.
„Адидас“ почна со производството на топки во 1963 година. „Телстар“, топката со 32 парчиња, од кои 12 црни петоаголници и 20 бели шестаголници, беше именувана по сателитот за комуникации и се појави на крајот од 1960-тите, на ЕП 1968, а потоа стана и прва официјална топка на Светското првенство (СП) во Мексико во 1970 година. Моделот за СП во 1974 година во Германија имаше полиуретанска обвивка, која обезбедуваше водоотпорност и помогна во одржување на формата и на отпорноста на топката. За разлика од кожата, полиуретанот е пофлексибилен и не се собира во ладни услови. ЕП во 1984 година во Франција, пак, беше првиот голем турнир на кој топката не беше кожена, туку синтетичка, како и две години подоцна на СП 1986, наречена „Ацтека Мексико“.
УЕФА од 1 јануари 1996 година почна со имплементација на регулативите на ФИФА за контрола на квалитетот и за издржливоста на топките што се користат на меѓународните натпреварувања. Топките беа поделени во три квалитетни групи: одобрени од ФИФА, прегледани од ФИФА и топки за меѓународни натпревари. Сите тие мора да поминат шест контроли за квалитет, односно седум кога станува збор на врвните. Во истата деценија, Премиер-лигата во Англија воведе униформна официјална топка за натпреварите. Наскоро тоа го сторија и другите лиги во Европа. Претходно вообичаена практика беше гостинските екипи во деновите пред натпреварите да тренираат со топката што ја користи нивниот противник.
Во Лигата на шампионите (ЛШ) „ѕвездената топка“, украсена од осум ѕвездички, првпат се појави во 2001 година, а тој дизајн остана и до денес. За Лига Европа (ЛЕ), исто така, има специјално дизајнирана топка, претходно на „Адидас“, а од 2018-та ја произведува „Молтен“.
На ЕП, првата поголема промена во дизајнот по 1980-тите, следуваше во 2004 година, во Португалија, со првата топка без рабови, наречена „Ротеиро“. Тоа беше топка со сребрена боја, чии делови беа термички поврзани. Секоја топка се персонализираше со имињата на екипите што играат, датумот и местото. Беа продадени над четири милиони топки низ светот, од мини-топки како сувенири до официјалната топка.
„Адидас“ по 18-месечен тест-период на ЕП 2016 ја лансира топката „Бо жо“ или „убава игра“. Топките што се состоеја од шест идентични парчиња, термички поврзани имаа предвидливо движење, подобар допир и слаб внес на вода. За современата топка се вели дека во влажни услови добива само 0,2 отсто тежина, во споредба со 20 отсто кога се употребувале кожените топки.
За во иднина се ветува натамошен напредок. Кон крајот на 2019 година, „Адидас“ во договор со НАСА направи серија експерименти насочени кон разбирањето на карактеристиките на движењето на топката, што ќе овозможи поголема слобода при „дизајнирањето на обликот и текстурата на панелот “.
Тежина до 450 грама, обем до 70 см
Во правилата на фудбалската игра се наведува дека топката мора да биде со обем од 68 до 70 сантиметри. Тежината на топката, пак, не смее да биде поголема од 450 грама и не смее да биде помала од 410 грама на почетокот на натпреварот. Притисокот на топката, според правилата, треба да изнесува од 0,6 до 1,1 атмосфера.
Официјални топки користени на ЕП
ГОД. ИМЕ
1968 Телстар еласт
1972 Телстар
1976 Телстар
1980 Танго Италија
1984 Танго мундијал
1988 Танго Европа
1992 Етруско унико
1996 Квестра Eвропа
2000 Терестра силверстрим
2004 Ротеиро
2008 Европас
2012 Танго
2016 Бо жо
2020 Унифорија