Во текот на следните 30 дена, фудбалската топка едноставно ќе претставува главен сврзувачки елемент, кој ќе ги обедини луѓето без разлика на расата или на верското убедување, да се радуваат на победите, а да учат од поразите, да другаруваат на стадионите, но и надвор од нив, за сето тоа потоа да се пренесе и во секојдневниот живот
Фудбалската треска може да почне. Најважната споредна работа на светот повторно ќе доминира во секој град, село, улица, дом, кафеана, хотел, под отворено небо… на целата Земјина топка. Епицентарот на тектонските фудбалски потреси овој пат ќе биде во најголемата држава на светот, Русија, каде што ќе се одвива 21. Светско првенство (СП) во фудбал.
Спортската јавност од целиот свет од денес до 15 јули својот поглед ќе го впери во градовите Калининград, Казањ, Москва, Нижни Новгород, Ростов, Самара, Саранск, Сочи, Санкт Петербург, Волгоград и Екатеринбург, на чии стадиони едни ќе леат солзи, други, пак, ќе ликуваат до небо, а со нив и нивните навивачи. Така, впрочем, било отсекогаш, така ќе биде и сега. Фудбалската топка и магичната трага што таа ја остава на зелениот терен, сигурно и овој пат никого нема да остави рамнодушен.
Фудбалските гурмани повторно ќе уживаат во дриблинзите, проигрувањата и головите на мајсторите на играта како Меси, Роналдо, Гризман, Кејн, Азар, Салах, Лукаку и многу, многу други, кои денес пленат во фудбалскиот свет. Но СП покрај натпреварувачкиот карактер, секако ќе претставува и еден вид издувен вентил, преку кој многумина ќе побараат и психичко растоварување, заборавање на животните проблеми и на политичкото секојдневие.
Спортот и спортистите од сите националности секогаш имале моќ да инспирираат и да сплотуваат. Преку спортското натпреварување, навивање, се гради и непоколеблив победнички дух, кој од теренот потоа се отсликува и во животот на сопствената држава. Тоа се однесува и на македонската јавност (и покрај тоа што не сме натпреварувачки присутни во Русија), која, пак, притисната од секојдневното бреме, барем за миг ќе заборави на проблемите и на нервозите.
Следува период во кој и сите македонски срца ќе бидат повторно обединети преку спортот и ќе чукаат во победнички ритам. Повторно ќе се навива за некоја омилена репрезентација, играчки фаворит и ќе се трепери до последната секунда на мечевите што претстојат, а победите ќе ги доживуваме како свое дело. Во следните 30 дена, фудбалската топка едноставно ќе претставува главен сврзувачки елемент, кој ќе ги обедини луѓето без разлика на расата или на верското убедување, да се радуваат на победите, а да учат од поразите, да другаруваат на стадионите, но и надвор од нив, за сето тоа потоа да се пренесе и во секојдневниот живот.
Претстојното СП во фудбал во Русија, сигурно дека е и едно од најисполитизираните спортски случувања во модерната историја, во споредба на пример со ЛОИ во време на Студената војна во Москва во 1980 година или, пак, во Лос Анџелес во 1984 година. Зошто? Пред сѐ поради затегнатите политички односи и економските санкции на Европа кон Русија изминатиот период, а кои беа наметнати како резултат на случајот со рускиот шпион Сергеј Скрипал и неговото наводно труење, потоа протерувањето руски дипломати, па сѐ до аферата со допингот на руските спортисти. Но, ништо од првобитниот обид за бојкот на СП од страна на 16 држави на Европската Унија (ЕУ), како и САД, Канада, Норвешка и Украина. Напротив, организаторите очекуваат дека ќе ги продадат сите влезници за 64-те натпревари во текот на еден месец и присуство на околу еден и пол милион странски навивачи и туристи во Русија.
Организаторот посебно внимание посвети на финансиските и на безбедносните прашања, за што доволно говорат и вкупните трошоци за ова СП. А токму тоа присуство на голем број туристи, автоматски го натера организаторот да посвети максимално внимание на безбедносните мерки, оти не се исклучува можноста некои „сили“ овој спортски спектакл да го искористат за други цели. Затоа безбедносните служби ја проверуваат евентуалната вмешаност во евентуален терористички и екстремистички чин и на секој волонтер поединечно, кој ќе биде ангажиран за време на СП, а, според информациите од Москва, ќе ги има над 15.000. Извршени се контрола и антитерористичката одбрана на сите стадиони на кои ќе се одржува СП.
Новина на ова СП е тоа што, додека трае, странците со својата влезница за натпреварот, ќе имаат можност по електронски пат да нарачаат и да добијат персонална идентификациска картичка или т.н. „навивачки пасош“, кој ќе овозможи влегување во Русија без потребната виза. Оваа картичка на странските туристи ќе им овозможи и без никакво ограничување да можат да патуваат низ Русија, па и во оние градови во кои не се играат мечеви од СП.
Во анализата на влијателниот интернет-портал „Бизнис-инсајдер“, се наведува дека СП 2014 година остварило приход за ФИФА од 4,8 милијарди долари, во споредба на трошоците, кои изнесувале 2,2 милијарди долари, што е позитивно. СП пред четири години на ТВ го гледале 3,2 милијарди гледачи, а големото финале Германија – Аргентина, една милијарда луѓе низ светот.
За ова СП зголемен е и наградниот фонд, односно тој сега изнесува 400 милиони долари, што е за 12 отсто поголем во споредба на Мундијалот во Бразил во 2014 година. Идниот светски првак ќе биде побогат за 38 милиони долари, три милиона повеќе отколку пред четири години. Вицепрвакот ќе си замине дома побогат за 28, третопласираниот ќе добие 24, а четвртопласираниот 22 милиони долари. Репрезентациите што во првиот круг по групи ќе испаднат, ќе заработат по осум милиони долари, колку и во Бразил пред четири години. Минувањето во втората фаза носи 12, додека четврт-финалето 16 милиони долари.
СП во Русија ќе го обележи и податокот дека Велика Британија нема да има свои фудбалски судии. Меѓу 99-те судии и помошници за ова СП нема ниту еден од Англија, Шкотска, Велс или од Северна Ирска, што, според информациите, се случува првпат по 80 години. Европа ќе ја претставуваат арбитри од Русија, Германија, Турција, Холандија, Полска, Србија, Шпанија, Италија, Словенија и Франција, а по шест судии делегираат Африка, Азија, Северна и од Јужна Америка, а двајца од Океанија.
И покрај сѐ што го следеше ова СП, до неговиот почеток, едно е сигурно, а тоа е дека присуството на сите 32 држави што ќе учествуваат на Мундијалот во Русија, како и многубројните навивачи, ќе приредат уште едно незаборавно спортско доживување.
Еуфоријата може да почне. Да уживаме во фудбалот.