Многубројни се написите во светот по големата победа на Македонија над Германија. Агенцијата „Франс прес“ има подолг осврт, должно внимание посвети и угледниот британски весник „Гардијан“ итн.

РЕАКЦИИ НА МЕДИУМИ ВО СВЕТОТ

Светската фудбалска федерација (ФИФА) не остана нема на големата победа на Македонија над Германија во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар, па на својот твитер-профил се огласи со следната објава, на која на фотографијата со твитот пишува „Македонско чудо“: „Енис Барди блеска, 37-годишниот Горан Пандев и 21-годишниот Елиф Елмас ги постигнаа головите, а Македонија го направи најголемиот шок во досегашниот тек од европските квалификации за СП 2022. Тоа, несомнено, е најдобриот резултат во нивната историја против Германија. Каква ноќ да се биде Македонец“.

Франс прес: Нов голем кикс на Германија

Агенцијата Франс прес (АФП) во подолг осврт ги обележи големата победа на Македонија и новиот кикс на Германија. „Германија доживеа понижувачки пораз на домашен терен од Македонија (1-2), прв во последните 20 години, со што се зголеми притисокот врз селекторот Јоаким Лев. Четирикратниот светски шампион никогаш не пропуштил да се квалификува на најголемиот фудбалски турнир, ако не се смета инаугуративното издание во 1930 и во 1950 година, кога не му беше дозволен настап“.
– Не требаше да дозволиме да се случи ова. Мислам дека Македонија двапати дојде до нашиот гол и постигна два гола, премногу лесно – изјави капитенот на Германија, Илкај Гундоган.
Поразот беше нов голем кикс за Германија, по поразот од Шпанија со 0-6, во ноември лани, во Лигата на нации (ЛН), и по шокантната елиминација уште во групната фаза на Светското првенство (СП) во Русија во 2018 година, се истакнува во текстот на АФП.

„Гардијан“: Македонија ја вџаси Германија

Должно внимание на победата на Македонија ѝ посвети и угледниот британски весник „Гардијан“. Во написот, меѓу другото, се наведува: „Македонија ја вџаси Германија со победата во квалификациите за СП во Дуизбург, со 2-1. Елиф Елмас со голот во 85. минута ѝ ја донесе најголема победа досега на оваа балканска земја. Германија доминираше во првото полувреме, имаше 70 отсто посед на топката, Леон Горецка ја погоди гредата, но гостите дојдоа во водство преку 37-годишниот напаѓач Горан Пандев, во судиското продолжение од првото полувреме. Овој пораз, прв за Германија на домашен терен во квалификациите за СП по 2001 година, беше последен квалификациски натпревар за селекторот Јоаким Лев, кој си заминува од функцијата по Европското првенство летово, на кое Македонија се квалификува преку плејофот во Лигата на нациите“, пишува „Гардијан“.

„Дојче веле“: Германија се распаѓа по заслужениот пораз од Македонија!

„На помалку од три месеци до почетокот на ЕП, алармантен и загрижувачки пораз на Германија од Македонија, на домашен терен. Во период од само една недела, Германија се претвори од одлична во многу лоша екипа, која по веста за неговото заминување како да се опушти. Веројатно и тој, бидејќи повеќе го нема товарот на големите очекувања на неговите плеќи“, се истакнува во написот на „Дојче веле“.

Фудбалот не го памети ова: Македонците ги урнаа Германците!

„Тоа го може само фудбалот! Фудбалерите на Македонија направија огромно изненадување и со таа ја вчудовидоа цела Европа! Македонија ја оствари најголемата победа во историјата и покажа дека пласманот на Европското првенство воопшто не е случаен“, пишува српскиот портал „Директно“.
На интернет-страницата на црногорскиот весник, „Побједа“, пак, беше напишано: „Фудбалерите на Македонија направија вистинско чудо, победувајќи ја Германија на нејзин терен, во Дуизбург, со 2-1, една го водечките светски сили. Гостите во водство ги доведе неуништливиот, 37-годишниот Горан Пандев на истекот од првото полувреме, а победата ја завери младиот Елиф Елмас во 85-та минута“.