Погледнете ги Роналдо и Меси, никогаш нема да ги видите релаксирани. Роналдо има пет титули првак на Европа и ако го прашате дали е задоволен со тоа, тој ќе ви рече: „Да, ама сакам уште една“. Како спортист, би било чудно да ја немаме таа конкурентска природа. Потребни ви се цели и амбиции, вели Трент Александер-Арнолд, кој има амбиција да стане капитен на Ливерпул и најдобар десен бек во историјата на Премиер-лигата
Трент Александер-Арнолд има амбиција да стане капитен на Ливерпул и да го достигне високото ниво на амбициозност што го имаат Лионел Меси и Кристијано Роналдо. На 21-годишна возраст, времето е на страната на младото момче од Ливерпул, кое продолжува да ја потврдува репутацијата како еден од најдобрите десни бекови во Европа. Тој е на добар пат да стане лидер на тимот од „Енфилд“, како еден од најдобрите „производи“ што излегле од клупската академија. Александер-Арнолд е роден во Ливерпул, а одигра голема улога во триумфите во Лигата на шампионите (ЛШ) лани и во Премиер-лигата годинава.
– Идејата да станам капитен на Ливерпул ме мотивира секој ден. Тоа е нешто што сакам да го постигнам. Очигледно тоа нема да биде моја одлука, но ако не успеам до крајот на кариерата, ќе бидам разочаран. Отсекогаш сум размислувал за тоа. Без разлика дали ќе се случи тоа, мислам дека моја задача во Ливерпул е да бидам пример. Капитените го предводат тимот низ тешките времиња и ги мотивираат соиграчите – вели Александер-Арнолд во интервјуто за „Телеграф“ со легендата на Ливерпул, Џејми Карагер.
За Александер-Арнолд нема опуштање, менталитетот на Меси и на Роналдо е водилката во потрага по натамошни успеси.
– Погледнете ги Роналдо и Меси, никогаш нема да ги видите релаксирани. Роналдо има освоено пет титули првак на Европа и ако го прашате дали е задоволен со тоа, тој ќе ви рече: „Да, ама сакам уште една“. Како спортист, би било чудно да ја немаме таа конкурентска природа. Потребни ви се цели и амбиции. Во минатите две сезони таа амбиција беше да го освоиме најголемиот трофеј што се однесува до Ливерпул, а тоа е Премиер-лигата. Лани беше тешко, не успеавме само за еден бод. Следната сезона ќе биде, исто така, тешка. Тоа е природна реакција за нас како играчи да продолжиме да се залагаме за да го постигнеме она што другите не го направиле – вели Александер-Арнолд.
Сепак, не е само конкретниот успех што го тера напред Александер-Арнолд и што ја поттикнува неговата амбиција. Една од работите што се спомнуваат е менување на позицијата и играње во средниот ред во одредена фаза од кариерата, особено по многуте асистенции, иако е бек. Но тој сака прво да го засени Гери Невил, легендата на Манчестер јунајтед.
– Размислувам за тоа како да станам најдобриот десен бек што Премиер-лигата досега го видела. Кога некој ќе го избира својот најдобар тим во Премиер-лигата на сите времиња, сакам моето име да биде во тој тим, а не неговото – рече Александер-Арнолд.
Член е на ексклузивниот клуб на локални шампиони
Трент Александер-Арнолд е долгоочекуваниот нов член на ексклузивниот клуб, освојувачи на титулата родени во Ливерпул и што потекнуваат од академијата. На Гери Аблет тоа му успеа во 1990 година, на Семи Ли во 1980-тите години, а на Гери Брн, Крис Лаулер, Фил Томпсон, Томи Смит, Џими Кејс, Рони Моран, Џими Мелија, Фил Борсма, Дејвид Ферклаф и на Иан Калаган во епохата на Бил Шанкли и на Боб Пејсли.
– Кога ќе споменат тие имиња и јас меѓу нив како локално момче што ја освојува Лигата, тешко ми е да се замислам себеси во тоа друштво. Знам дека ова е голем успех, но ќе има време да размислувам за тоа и да бидам горд на себе. Сега сакаме да ги доиграме мечевите и да освоиме што е можно повеќе бодови – вели тој.