На СП 2018, Франција во својот состав имаше шестмина некогашни младинци шампиони, и тоа светските Умтити, Погба, Ареола и Товин (2013-та, селекција до 20 г.), потоа европските (до 19 г.) Гризман (2010) и Мбапе (2016) и еден вицешампион, Менди (2013-та)
Фудбалската репрезентација на Франција е втората најмлада што стана светски првак, по рекордерот Бразил од Светското првенство (СП) во 1970 година во Мексико, објавија медиуми од Европа. Според податоците, „триколорите“ на СП 2018 во Русија во моментот на почетокот на патот до титулата беа просечно возрасни околу 25,5 години. Бразилците за освојување на својата трета титула имаа во просек помалку од 25 кога почна СП 1970.
Франција вторпат стана светски првак (првата титула ја освои во 1998 година), израмнувајќи се со Уругвај (1930, 1950) и со Аргентина (1978, 1986), а ги надмина Англија (1966) и Шпанија (2010). Со втората титула сега Франција има вкупно седум први места, затоа што по двапати беше и европски првак (1984, 2000) и победник на Купот на конфедерациите (2001, 2003) и еднаш олимписки шампион (1984 година). Сега за селекторот Дидие Дешам претстојат нови предизвици, за кои тој веќе има квалитетни дополнувања на селекцијата, со генерација шампиони, оти селекцијата на Франција за фудбалери до 17 години е европски првак од 2015 година, од која никој не се најде на списокот за СП 2018.
Но на шампионатот во Русија неодамна Дешам во својот состав веќе имаше младинци шампиони. Така, Антоан Гризман беше европски првак во 2010 година, Килијан Мбапе е европски шампион од 2016 година, а Бенжамин Менди е вицешампион од ЕП 2013 (сите со селекциите до 19 години). Дешам во тимот имаше и младински светски прваци од 2013 година (за фудбалери до 20 години), и тоа Самуел Умтити, Пол Погба, Алфонс Ареола и Флориан Товин. Вкупно седуммина младински медалисти, кои сега се и сениорски шампиони.