Љубителите на фудбалот кои ќе сакаат да го следат Светското првенство (СП) во Русија налето, нема да можат да влезат на стадион со купен билет, доколку не поседуваат навивачка легитимација, која ФИФА ја воведува како новитет за претстојниот Мундијал, пренесуваат британските медиуми.
Станува збор за документ кој ќе ги содржи фотографијата и основните податоци на сопственикот, а кој ќе се набавува со купениот билет, со цел да се намали можноста за препорадавње на влезниците.
Легитимацијата ќе ја замени и визата за влез во Русија, која нема да им биде потребна на нејзините сопственици за влез и излез во земјата-домаќин на Мундијалот во периодот од 4 јуни до 25 јули. Навивачите со легитимации ќе можат бесплатно да го користат и јавниот транспорт во текот на СП.
Издавањето на документот е бесплатно, а за него ќе се аплицира по купувањето на билетите (аплицирањето трае до 3 март).
Навивачката легитимација првпат ќе се користи на едно големо натпреварување, но нејзината употреба беше успешно тестирана на Купот на конфредерациите во Русија минатото лето.