ОД СТРУЧЕН АГОЛ

Во однос на тактиките нема некои новитети, очигледно е дека технологијата ВАР го презема приматот и веќе нема меч да нема пенал, прекините кај некои репрезентации имаат главна улога, а тоа што би го одвоил е индивидуалниот квалитет кај некои селекции, за разлика од Италија, Белгија, па и Данска, кои имаат квалитетни играчи што се подредени на тимот и нивната функција. За мене позитивно изненадување е Унгарија, Велс веќе е стандарден со класа играчи, а другите се главно оние што секогаш претендираат за висок пласман. Вистинското допрва претстои, возбудувања и тактички фудбал

Горазд Михајлов

Заврши групната фаза на фудбалското Европско првенство, за жал, заврши и за Македонија. Дали можеше повеќе, секако дека да, но има време да се анализира и да се направи поопсежна ретроспектива и, секако, да биде позитивна за историскиот настап, но и самокритична и да извлечеме поуки. За македонскиот капитен Горан Пандев излишен е секој коментар, покажа и докажа како се сака државата и наедно ја потврди својата светска класа. Големо благодарам Гранде Пандев.

Фаворитите се провлекоа, условно кажано помалите репрезентации се сѐ поблиску до големите. За мене позитивно изненадување е Унгарија и штета што не продолжи понатаму, но не треба да нѐ изненадува тоа, со оглед на вложувањата во фудбалот во таа држава во претходните години. Велс веќе е стандарден со класа играчи, како Рамзи и Бејл, а другите селекции се главно оние што секогаш претендираат за висок пласман. Се очекуваше Шпанците само да проработат, Англичаните, Французите и Португалците тактизираа и се очекува допрва да го покажат својот квалитет.

Германците играа топло-студено, а Хрватите тогаш кога е најпотребно се вистински.
Во однос на тактиките нема некои новитети, нешто што би можело да се одвои, но очигледно е дека технологијата ВАР го презема приматот и веќе нема натпревар да нема пенал. Прекините кај некои репрезентации имаат главна улога, а тоа што би го одвоил е индивидуалниот квалитет кај некои селекции, за разлика од Италија, Белгија, па и Данска, кои имаат квалитетни играчи што се подредени на тимот и нивната функција. Сепак, вистинското допрва претстои, возбудувања и тактички фудбал, бидејќи натпреварувачките двојки се мошне интересни. За нас големо искуство, позитивното да го имплементираме, лошото да го отфрлиме и да бидеме самокритични ако сакаме да одиме напред. Благодарност до сите фудбалери, кои со самиот настап станаа национални херои, но сега ни претстојат квалификации за Светското првенство во Катар, а имаме добар почеток и сега треба европското само да ни биде патоказ за понатаму и да потврдиме дека имаме квалитет, а со тоа и дека учеството на ЕП не беше случајно.