Шефот на ФИФА за глобален фудбалски развој, Арсен Венгер, е движечката сила зад плановите да се одржува светското првенство на секои две години. УЕФА е против идејата, а претседателот Чеферин не е задоволен од тоа како се промовираа предлозите, пренесе „Скај спорт“
ФУДБАЛ
Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, го изрази своето противење на идејата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за одржување светско првенство на секои две години, како одговор на писмото за „Фудбалски поддржувачи Европа“, пренесе британски „Скај спорт“.
Чеферин рече дека Европската фудбалска унија има „сериозни резерви и сериозна загриженост околу извештаите за плановите на Светската фудбалска федерација“.
– Имајќи го предвид големото влијание што оваа реформа може да го има врз целата фудбалска организација, постои големо изненадување што се чини дека ФИФА започнува кампања за да го поттикне својот предлог, додека таквите предлози не се претставени до конфедерациите, националните асоцијации, лигите, клубовите, играчите, тренерите и целата фудбалска заедница – се вели во писмото, пренесува „Скај спорт“.
Шефот на Светската фудбалска федерација за глобален фудбалски развој, Арсен Венгер, е движечката сила зад плановите за кои треба да гласаат 211 национална фудбалска федерација и асоцијација што го сочинува конгресот на ФИФА, која спроведува студија за оправданост.
– Во мај, 166 асоцијации-членки гласаа за спроведување студија за оправданост за влијанието ако се игра светското првенство на секои две години. Под водство на Арсен Венгер, шеф за глобален фудбалски развој на ФИФА, се одржа консултација, процесот е во тек и ќе продолжи во наредните месеци со сите клучни чинители, вклучувајќи ги и конфедерациите и асоцијациите-членки – рече портпарол на ФИФА, пренесе „Скај спорт“.
Венгер, исто така, би сакал сите квалификациски натпревари за големите турнири да се одиграат во еден блок, во октомври. Големите турнири за фудбалерки, како што се светското првенство и континенталните настани како Европското првенство, во моментов се одржуваат во непарни години. Светските првенства за фудбалери и европските првенства се одржуваат во години со парен број.