УЕФА планира новите правила да се фокусираат на највисокото ниво на трошење за плати и за трансфери
УЕФА ќе ги ревидира правилата за финансискиот ферплеј (ФФП) до крајот на годинава, а планира да воведе данок на луксуз, како и ограничување на платите. Правилата во врска со ФФП беа воведени во 2009 година, за да се поттикнат клубовите на рентабилно работење и на трошење на она што можат да си го дозволат. Но многумина инволвирани во овој спорт сметаат дека тие правила се неефикасни, неспроведливи и не ѝ служат на намената. Како резултат на финансиската криза во фудбалот, предизвикана од пандемијата, УЕФА претходно годинава објави дека ќе ги разгледа правилата во врска со ФФП, за да види дали може да се воведе поефикасен систем на проверки и биланси за следење и за контрола на трошоците.
УЕФА сака новите правила да се фокусираат на највисокото ниво на трошење за плати и за трансфери. Процените се дека загубите на европските клубови се 7,5 милијарди фунти (8,8 милијарди евра) поради ковид-19.
Пред почетокот на Европското првенство (ЕП) 2020 летово, претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, инсистираше на тоа дека на фудбалот на целиот континент му се потребни нови правила за нова иднина, за да се постигне финансиска одржливост.
– Прочитав дека планираме да го укинеме финансискиот ферплеј. Дозволете ми да бидам јасен, тоа нема да се случи. Меѓутоа, ние треба да се приспособиме на новата реалност. Треба да ги охрабриме и да ги ослободиме инвестициите.
Треба да поправиме некои неправди што ФФП индиректно може да ги предизвика во сегашните околности. Пред пандемијата, клубовите беа ограничени од УЕФА да загубат 26 милиони фунти (31 милион евра) во тригодишен период. Лани во јуни УЕФА воведе итни мерки, со кои на сопствениците им се овозможи да вложат повеќе пари во клубовите за време на пандемијата. Додека не се воведат новите правила, клубовите нема да бидат казнувани за прекршување на правилата на ФФП, доколку можат да докажат дека загубите се предизвикани од ковид-19 – рече Чеферин на 45. Конгрес на УЕФА, по дебаклот на европската Суперлига.
Меѓутоа многу моќни гласови во УЕФА сега веруваат дека трошењето за плати и за трансфери излезе од контрола.