Македонската фудбалска репрезентација, покрај тоа што игра за првото место во групата 4, во лигата Д, во Лигата на нации, кое носи пласман во лигата Ц, а тоа и играње на фајнал-форот за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, од минатата недела игра и за зголемени премии за успех во новото натпреварување.
УЕФА реши да ги зголеми сите награди, па, така, победниците во четирите групи на лигата Д ќе добијат по 750.000 евра, што е 250.000 повеќе од првично предвидената награда. УЕФА го зголеми и бонусот за учество, па, наместо 500.000 за сите учесници во лигата Д, се предвидени по 750.000 евра. Тоа значи дека Македонија со триумф во групата 4 ќе заработи 1,5 милион евра.
Зголемени се наградите и бонусите во сите лиги, па, така, во најсилната, лигата А, за учество добиваат по 2,25 милиони евра и уште толку ќе заработат победниците на групите (вкупно 4,5 милиони). За лигата Б наградите се по 1,5 милион (за најдобрите вкупно по три милиони), а за лигата Ц по 1,125 милион евра (победниците на групите ќе заработат по 2,25 милиони).
Повеќе пари ќе заработат и вкупните шампиони. Во лигата А, за идниот првак се предвидени шест милиони евра (наместо претходните 4,5 милиони), а преостанатите три селекции ќе добијат по еден милион повеќе (вториот 4,5, третиот 3,5 и четвртиот 2,5 милиони евра). Тоа значи дека вкупниот победник ќе заработи 10,5 милиони евра.