Министрите во турската Влада ја поздравија одлуката на германскиот фудбалер Месут Озил да го напушти германскиот национален тим, пренесуваат локалните медиуми.
Одлуката Озил ја објави на социјалните мрежи, обвинувајќи официјални лица и медиуми за расизам, откако претходно покрена бура реакции во јавноста со неговите фотографии со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, снимени во Лондон.
– Ние го поддржуваме чесниот став на нашиот брат Месут Озил со сето срце, напиша на Твитер турскиот министер за туризам, Мехмет Касапоглу.
Министерот за правда, Абдулхамит Ѓул, додаде дека „Озил го постигнал својот најдобар гол против фашистичкиот вирус“, напуштајќи го германскиот репрезентативен тим.
И портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, исто така, ја поздрави одлуката на Озил да ги напушти „панцирите“ со зборовите: „Замислете на колкав притисок бил изложен г-дин Озил … Каде се учтивоста, толеранцијата, плурализмот“.
Озил, фудбалер со турско потекло кој долги години играше за германската репрезентација, објави вчера дека го напушта националниот тим. Тој ја обвини Германската фудбалска федерација (ДФБ) и нејзиниот претседател Раинхард Гриндел дека го претворил во „жртвено јагне“ поради неуспехот на Германија на Светското првенство во Русија.
Играчот од средниот ред на Арсенал си навлече многу критики во Германија откако се фотографираше со Ердоган за време на неговата изборна кампања. Некои критичари го обвинија за „нелојалност“ кон Германија.
Објавувајќи го своето повлекување од националниот тим, Озил рече дека тој е неправедно обвинет за лошата игра на Германците на првенството во Русија и дека Гриндел го искористил „како жртвено јагне за да ја прикрие сопствената неспособност“.