Се надевам дека ќе успееме да сториме нешто повеќе на ова ЕП и да го кренеме победничкиот трофеј. Тоа е нашата цел, но тоа е многу голем чекор што мора да го направиме, вели селекторот на Холандија, Де Бур, во интервјуто за „Би-би-си“
Франк де Бур, тренерот со најкратка кариера во историјата на Премиер- лигата, сега селектор на Холандија, го очекува голем тест на фудбалското Европско првенство (ЕП), во дуелите со Украина (синоќа), Австрија и со Македонија. Премиерлигашот Кристал палас, со Де Бур на клупата, не забележа ниту една победа на четирите првенствени натпревари и не постигна ниту еден гол за 77-те дена. Но четири години по таа епизода во Палас, Де Бур (51) ќе ја предводи Холандија на првиот голем турнир од 2014 година и сигурно ќе ги замолкне критичарите доколку неговата репрезентација истрча на „Вембли“ на финалето на 11 јули.
– Не чувствувам притисок. Јас сум навикнат на тоа, знам какви се холандските навивачи. Ако почнеме добро, тогаш ќе биде возбудливо во Холандија. Не го одбегнуваме притисокот, тоа ни се допаѓа и се надеваме дека ќе се справиме со него. Веќе одигравме многу финалиња што ги загубивме, особено полуфиналиња. Се надевам дека ќе успееме да сториме нешто повеќе на ова ЕП и да го кренеме победничкиот трофеј. Тоа е нашата цел, но тоа е многу голем чекор што мора да го направиме – вели Де Бур во интервјуто за „Би-би-си“.
Де Бур минатото лето на селекторската позиција го наследи Роналд Куман, кој стана тренер на Барселона. Во комбинација за таа функција беа Франк Рајкард и тогашниот менаџер на Баер, Петер Бош, но Де Бур ја доби довербата да продолжи по нагорната патека со Холандија.
– Тоа беше резултат на успехот што го имаше со Ајакс во помагањето на помладите играчи да напредуваат и да ги реализираат своите потенцијали. Тој е исклучително почитуван како поранешен играч што беше дел од репрезентацијата на многу големи турнири. Во Интер влезе во соблекувалната без да го зборува локалниот јазик. Кристал палас беше одлична можност за него, но бараше од фудбалерите да играат според моделот на Ајакс, каде што децата уште на шест или седум години знаат што се очекува од нив. Тие две работни места за него можеби дојдоа малку прерано – објаснува холандскиот фудбалски стручњак Џејмс Роу.
Работата во репрезентацијата нуди поинаков предизвик за Де Бур, оној со кој е запознаен. Тој беше помошник-селектор на Холандија, која стигна до финалето на Светското првенство (СП) во 2010 година во Јужна Африка, во кое загуби од Шпанија со 0-1.
– Ова е тотално друга работа, тоа е сигурно. Не работите на терен со момците, туку повеќе на подготовката за натпреварите. Во нормални околности, како клупски тренер работите 24 часа на ден со играчите, преку цела година. Сега еден, понекогаш два или три месеци не ги гледате момците. Исто така, ментално е различно. Морам да признаам дека ова е порелаксирано отколку како тренер на клуб, но, исто така, е многу интензивно кога сте заедно тие 10 или 12 дена. Треба да ги составите сите детали во тие две недели. Сакате да пренесете многу информации, начинот на игра, она што го очекувате од вашиот тим и индивидуално од играчите. Ризикот е ако сакате да направите премногу, затоа што тие можат да се справат со помалку информации и секој знае кога играчите имаат премногу работи за размислување. Тоа не е вистинскиот начин. Она што го научив кога бев играч на националниот тим е дека селекторот треба да има добри односи со играчите. Околината и амбиентот во тимот мора да бидат навистина добри, затоа што секој што ќе биде во тимот има неверојатни квалитети и вие не можете да ги научите да играат фудбал, затоа што тие веќе го знаат тоа – вели Де Бур, поранешен дефанзивец на Ајакс и на Барселона, кој може да го искористи сопственото искуство од меѓународните турнири како играч, бидејќи има 112 настапи за „лалињата“, на пет големи турнири, на кои двапати стигна до полуфиналето.
Фокус, енергија, мирување, очекувања…
Франк де Бур, кој беше капитен на Холандија на фудбалското Светско првенство во 1998 година, се потсетува дека од почетокот на таа сезона бил фокусиран на шампионатот, со желба да биде здрав и да одигра најдобро што може.
– Многу од моите играчи го имаа истото чувство и одеднаш тој фокус и таа енергија мораше да се стават во мирувањево една година. Понекогаш тоа е тешко. Но тоа, исто така, значеше ново едногодишно искуство за некои од помладите фудбалери, како што се дефанзивецот Матијас де Лихт и играчот за врска, Френки де Јонг – вели Де Бур.
За Де Бур, кој беше капитен на селекцијата што настапи и на Европското првенство во 2000 година, синоќешниот натпревар против Украина беше 12-ти како селектор. На минатите 11 тој забележа пет победи, четири ремија и два пораза.
– Голема чест е да се врши во моментов можеби најважната работа во Холандија. Се надевам дека ќе ги оствариме резултатите што ги посакуваме. Ако ги знаете Холанѓаните, тие секогаш очекуваат да бидеме шампиони. Кога имате лош циклус, ако не сте на два турнира, а потоа одиграте два или три меча добро, веднаш ве ставаат во улога на фаворити – рече Де Бур.