На листата на ПА водат Пеле, Ромарио и Роналдо, а потоа следуваат Милер, Пушкаш, Ди Стефано, Ван Бастен, Гривс, Еузебио и Пејротео
Присилната пауза во фудбалскиот календар им даде можност на луѓето да се потсетуваат на некои одлични, незаборавни натпревари, сезони и фудбалери. Англиската новинската агенција ПА направи свој избор на 10-те најдобри напаѓачи, стрелци на сите времиња. На првите три места, очекувано, се наоѓаат тројца Бразилци, Пеле, Ромарио и Роналдо.
Пеле го сметаат за најдобар фудбалер на сите времиња и за најдобар напаѓач. Тој освои три светски првенства, првото во 1958 година, на возраст од само 17 години, (потоа и во 1962 и 1970 година) и стана глобална ѕвезда благодарение на одличните игри и умешноста за постигнување голови. Податоците велат дека Бразилецот, кој играше за Сантос и за Космос од Њујорк, во кариерата постигнал 1.281 погодок на 1.363 натпревари.
Ромарио е уште еден Бразилец со „чувство за гол“. Никој не му ги оспорува напаѓачките квалитети на светскиот шампион од 1994 година, кој блескаше, прво во ПСВ Ајндховен, а потоа во Барселона, со која во 1992 година ја освои титулата првак на Европа.
Роналдо е третиот бразилски интернационалец во врвните 10. Тој, како и Ромарио, блескаше во ПСВ и во Барса. Ел Феномено, како што го нарекуваа, играше и во Реал, Милан и во Коринтијанс, а се повлече со две титули првак на светот и со три признанија за светски играч на годината.
Герд Милер, центарфор на Баерн, познат и под прекарот Бомбардер, немилосрдно ги тресеше мрежите во 1960-тите и 1970-тите години. Милер постигна неверојатни 68 гола на само 62 меча во дресот на Германија. Тој беше избран за најдобар европски фудбалер во 1970-та, а е и рекордер и според бројот на постигнати голови во Бундес-лигата, 365 на 427 натпревари.
Ференц Пушкаш е уште еден одличен играч со импресивна бројка постигнати голови со прекар Галопирачкиот Мајор, најдобар меѓу најдобрите во фудбалската историја на Унгарија. За 12 сезони во Кишпешт, во 1949-та преименуван во Хонвед, тој постигна 357 гола на 354 натпревари. Со Реал освои пет титули првак на Европа и постигна 512 гола на 528 натпревари. Наградата на ФИФА за најдобриот гол на сезоната го носи неговото име.
Алфредо ди Стефано играше заедно со Пушкаш во Реал. Аргентинецот постигна многу голови и во Јужна Америка, за Ривер Плата, Харакан и за Милионариос. Откако се пресели во Европа, во 1953 година, тој продолжи да постигнува голови, има 308 на 396 официјални натпревари во белиот дрес. Ди Стефано, кој почина на 88-годишна возраст во 2014-та, го сметаат за најдобар играч во историјата на Реал.
Марко ван Бастен блескаше во дресот на Ајакс, Милан и на Холандија во текот на 1980-тите и 1990-тите, освојувајќи многубројни индивидуални признанија. Тој е трикратен добитник на „Златната топка“, а меѓу многуте погодоци засекогаш ќе се памети волеј-голот против Советскиот Сојуз во финалето на Европското првенство во 1988 година.
Џими Гривс отскокнува меѓу многуте врвни британски напаѓачи во текот на децениите. Никој не постигнал повеќе голови од поранешната ѕвезда на Челси и на Тотенхем во Дивизија 1, 357, и кој шест пати бил најдобар стрелец во лигата. Тој бил дел од тимот што стана светски првак во 1966 година.
Еузебио и понатаму е најдобриот стрелец на Бенфика на сите времиња, клубот во кој го помина најголемиот дел од кариерата. Тешко веројатно е дека некој ќе се доближи до 473-те гола на Еузебио на 440 натпревари за клубот од Лисабон. Тој блескаше во дресот на Португалија и беше најдобар стрелец на СП 1966. Една година порано ја освои „Златната топка“. Почина во 2014 година на 71-годишна возраст.
Фернандо Пејротео, откако ја напушти Ангола како 19-годишник, му се придружи на Спортинг и стана најдобар стрелец во португалската историја, постигнувајќи 541 погодок на 334 натпревари или во просек по 1,63 гол. Починал во 1978-та на 60 години.