Лионел Меси нема постигнато гол од мај 2018-та во сите натпреварувања против големиот ривал, најдолго во кариерата
ФУДБАЛ – ШПАНИЈА
Триумф на Реал Мадрид над Барселона, со 2-1, во 246-то шпанско фудбалско дерби „Ел класико“ (сега е 98-96 во победи, со 52 ремија). Првпат по 1978 година, Реал Мадрид забележа три победи во низа во меѓусебните дуели со Барселона.
Лионел Меси од Барселона го одигра 45-от „Ел класико“, со што се израмни со капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос, кој не настапи поради повреда. Меси не постигна гол од седумте удари на противничкиот гол. Поминаа и повеќе од 1.000 дена, од мај 2018 година (и седум меча по ред во сите натпреварувања) откако Аргентинецот последен пат се запиша во листата на стрелците против големиот ривал, најдолго во кариерата. А ниту еден играч нема постигнато повеќе голови во „Ел класико“, 26, сите до 2018 година, кога последниот „Ел класико“ за „кралевите“ го одигра Кристијано Роналдо пред да се пресели во Јувентус.
Стрелецот на водечкиот гол за Реал Мадрид, Карим Бензема, го постигна 25-от гол на 35 натпревари сезонава. Тони Крос, пак, го постигна вториот гол, прв во дресот на Реал Мадрид, директно од слободен удар на 316-те натпревари за „кралевите“ во сите конкуренции.
Реал Мадрид, кој ја забележа 15-та победа на претходните 20 меча, сега е на врвот на табелата во шпанската Ла лига, со 66 бода, колку што има и Атлетико Мадрид, но Реал има и еден натпревар повеќе (Атлетико синоќа требаше да игра со Бетис).
– Се чувствувам многу среќно. Добро го почнавме натпреварот, кој беше доста комплициран, но заслужено победивме. Мислам дека можевме да постигнеме и трет гол, но најважна е победата. Си ја завршивме работата како што треба – изјави тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан.
Барселона, која е на третото место на табелата со 65 бода, го претрпе првиот пораз по 16-те победи и трите ремија на претходните 19 првенствени натпревари.