„Омразата не игра на нашите терени, да ја исфрлиме и од трибините“ е мотото на кампањата, прва од ваков вид во Македонија, што ја организираат Мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Станува збор за кампања против нетолеранција на и надвор од фудбалските терени, чија цел е издигнување на јавната свест за штетните ефекти од говорот на омраза и неспортското навивање за време на фудбалските натпревари.
На промовирањето на кампањата, во која преку видеоклипови се вклучени и повеќе познати фудбалер(к)и, Баже Илијоски, Висар Муслиу, Теодора Димоска, Илса Максути и Гого Јовчев, присуствуваа амбасадорот на ОБСЕ во Македонија, Клеменс Која од Австрија и генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.
– Со иницирање активности за кревање на свесноста на повисоко ниво за толеранција на фудбалските терени и надвор од нив се испраќа порака до навивачите, особено до помладите за штетните ефекти од говорот на омраза и нетолеранцијата – рече, меѓу другото, Поповски.