Гледачите наскоро ќе се вратат на трибините во Англија?

Владата на Велика Британија го истражува потенцијалното враќање на гледачите во спортските објекти во некои делови од Англија веќе од идниот месец. Според некои непотврдени извори, премиерот Борис Џонсон во приватни разговори со пратеници рекол дека скорото повторно отворање на спортските борилишта е „личен приоритет“, пишува „Би-би-си“.
Се работи на тоа да им се дозволи влез на гледачите во спортските објекти во области од земјата каде што стапките на инфекции се сметаат за доволно ниски, најверојатно пред Божиќ. Првичните планови за делумно враќање на гледачите на трибините од 1 октомври беа стопирани поради зголемувањето на бројката на нови случаи со ковид-19. Спортските објекти се затворени од март, и покрај тоа што спортот инсистира на тоа дека пилот-настаните со физички оддалечени гледачи се покажале како безбедни.
За тоа дека скорото враќање на гледачи на стадионите во Англија е реална опција говори податокот дека клубовите трпат огромни загуби, како и другите бизниси поврзани со нив. Последен од клубовите што се пожалија е Вест Хем, кој објави дека губи до два милиони фунти по натпревар без гледачи. Л.Д.


ФУДБАЛ

Фарските Острови и Гибралтар ќе играат во лигата Ц

Репрезентациите на Фарските Острови и на Гибралтар се пласираа во лигата Ц на Лигата на нациите во фудбал. Тие ги освоија првите места во двете групи на лигата Д и во следното издание ќе играат во посилна конкуренција, еден ранг погоре. Двете места во лигата Д ќе ги пополнат поразените од мечевите за опстанок што треба да се играат во март в година, помеѓу последнопласираните селекции во четирите групи на лигата Ц (до вчера тоа беше само Естонија). Во лигата Д останаа Малта, Летонија, Андора, Лихтенштајн и Сан Марино. Од другите, во лигата Б се пласира репрезентацијата на Црна Гора, а сите други прваци на групи се решаваа вчера, во мечевите од 6-то коло.


Клупското СП во фудбал одложено за февруари в година

Клупското Светско првенство (СП) првично планирано за декември годинава, ќе се одржи од 1 до 11 февруари 2021 година во Доха, Катар, соопшти организаторот, Светската фудбалска федерација (ФИФА), пренесува „Ројтерс“. На турнирот треба да настапат шесте континентални шампиони, а освојувачот на европската Лига на шампионите (ЛШ), Баерн, е првиот што се квалификува за завршницата. Лани на клупското СП триумфира англискиот Ливерпул, кој во финалето го совлада бразилскиот Фламенго со 1-0. Новото, проширено клупско СП со 24 екипи требаше да се одржи во јуни и во јули 2021 година во Кина, но одложувањата на некои натпреварувања поради пандемијата на коронавирусот, како што се Европското првенство и Копа Америка, кои ќе се одржат в година, доведе до одложување и на тоа натпреварување. Л.Д.