Во четирите кола сезонава во ЛШ се постигнати во просек по 3,2 гола по меч. По оваа рунда, пласман во осминафиналето обезбедија само Јувентус, ПСЖ и Баерн, од нив парижаните и Баварците без загубен бод, а ПСЖ е и без примен гол
Пари Сен Жермен, Баерн и Јувентус се првите три тима што на две кола до крајот на натпреварите во групната фаза сезонава обезбедија пласман меѓу 16-те најдобри во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Во преостанатите две кола по групи, местото во осминафиналето останува и теоретски да го заверат Реал Мадрид, Тотенхем, Манчестер сити, Атлетико, Ливерпул, Наполи, Барселона, Борусија Дортмунд, Лајпциг, Лион, Ајакс, Челси, Валенсија… Јасно, можни се и некои изненадувања, во оптек се шест бода, но сѐ зависи од овие тимови.
На осумте меча одиграни во средата, стрелците се покажаа во одлично издание, постигнаа 27 гола (на осумте во вторникот имаше 29 гола). Вкупно на 16-те натпревари од четвртото коло беа постигнати 56 гола, или 3,5 по натпревар, што е за секаква пофалба. За споредба, во третата рунда „паднаа“ 54 гола, во втората 52, а во првата, најмалку, 45 гола. Вкупно, сезонава во ЛШ се постигнати 207 гола, или во просек по 3,23 гола по меч, што засега е најголем просек спореден со вкупниот просек за пет претходни сезони поединечно. Кристијано Роналдо и Лионел Меси сезонава постигнаа по еден гол, а тие од сезоната 2007/2008 постојано се менуваа како најдобри стрелци во една сезона на ЛШ (двајцата по шест пати, еднаш го делеа првото место со Нејмар).
ПСЖ има максимален ефект по четирите меча, освои 12 бода. Згора на тоа, постигна 10, а не прими ниту еден гол. Голманот на ПСЖ, Кејлор Навас, кој е во одлична форма по летниот трансфер од Реал Мадрид, одбрани пенал во второто полувреме на мечот против Бриж (1-0). ПСЖ нема пораз во ЛШ на 23 меча во низа на домашен терен (18 победи и пет ремија), од декември 2004-та (тогаш загуби од ЦСКА Москва). ПСЖ постигнува гол на 24 меча по ред во ЛШ во групната фаза, од 2015 година досега.
Баерн е во осминафиналето по триумфот над Олимпијакос (2-0), со максимален ефект (четири победи), благодарение и на головите на Полјакот, Роберт Левандовски, кој на 14-те меча за Баерн сезонава, во ЛШ и во Бундес-лигата, постигна 20 гола. Тој постигнува гол на осум меча во низа во групната фаза и е трет по Кристијано Роналдо (на девет, од 2012 до 2014) и по Лионел Меси (на осум, од 2015 до 2017-та). Откако заигра за Баерн во 2014 година, Левандовски, како и Меси, постигна најмногу голови во групната фаза, 31. Мануел Ноер 104-ти пат бранеше на меч во ЛШ, најмногу од сите германски голмани, со што го надмина досегашниот рекордер во оваа категорија, Оливер Кан (103).
Јувентус го совлада Локомотив Москва на гости со 2-1, а првиот гол што го постигна Арон Рамзи во третата минута беше 300-ти за „старата дама“ во ЛШ, која стана петтиот клуб што постигнал 300 и повеќе голови, и им се приклучи на Реал Мадрид (324 гола), Барселона, Баерн и на Манчестер јунајтед.
Група А: ПСЖ – Бриж 1-0, Реал – Галатасарај 6-0. Табела. ПСЖ 12, Реал 7, Бриж 2, Галатасарај 1. Идно коло (26.11): Галатасарај – Бриж, Реал- ПСЖ.
Група Б: Баерн – Олимпијакос 2-0, Ц. звезда – Тотенхем 0-4. Табела: Баерн 12, Тотенхем 7, Ц. звезда 3, Олимпијакос 1. Идно коло (26.11): Тотенхем – Олимпијакос, Црвена З. – Баерн.
Група Ц: Аталанта – Манчестер С. 1-1, Динамо З. – Шахтар 3-3. Табела: Манчестер С. 10, Шахтар и Динамо по 5, Аталанта 1. Идно коло (26.22): Манчестер с. – Шахтар, Аталанта – Динамо.
Група Д: Локомотив М. – Јувентус 1-2, Баер – Атлетико 2-1. Табела: Јувентус 10, Атлетико 7, Локомотив и Баер по 3. Идно коло (26.11): Локомотив М. – Баер Л., Јувентус – Атлетико.
Реал го има Родриго, „новиот Нејмар“
Младиот, 18-годишен Бразилец Родриго, кого шпанските медиуми веќе го нарекоа „новиот Нејмар“, постигна три гола на мечот против Галатасарај (6-0), во вториот настап во фудбалската Лига на шампионите. Родриго, кој летово пристигна во Реал од Сантос, е најмладиот, по клупската легенда Раул, со т.н. перфектен хет-трик (голови со лева и со десна нога и со глава), на меч во ЛШ. На шесте настапи за „кралевите“, Родриго постигна пет гола.
– Тој не ме изненадува. Тој е интелигентен, учи многу брзо, сака да учи и да се подобрува. Физички ќе треба да се подобри, но технички знае сѐ со топката – рече тренерот на Реал, Зинедин Зидан.
Карим Бензема постигна два гола, во 15-та сезона по ред во ЛШ, вкупно 62 (првиот во 2005-та), и е вториот фудбалер кому му успева такво нешто, по Лионел Меси, пред две недели.
ГОЛОВИ ВО ЛШ
1. коло 45
2. коло 52
3. коло 54
4. коло 56