Во првото коло на новата фудбалска сезона меѓу себе ќе играат првакот Шкендија и победникот на Купот на Македонија, Академија Пандев
Во своевиден суперкуп-меч актуелниот првак Шкендија на 11 август ќе игра на гости кај освојувачот на Купот на Македонија, Академија Пандев, во првото коло од новата сезона во Првата лига, реши ждрепката влечена вчера во просториите на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Со првото коло почнува 28-та сезона на македонската Прва лига.
Во другите двојки, Вардар игра дома со Македонија ЃП, Ренова ќе му биде домаќин на Силекс, а од новите прволигаши, Струга ќе игра на свој терен со Работнички, а Борец ќе му гостува на Шкупи.
Според извлечените натпреварувачки бореви, на пример, градското дерби Работнички – Вардар е во третото коло, а дербито Шкендија – Вардар е предвидено за деветтото коло, кога меѓу себе треба да се сретнат и новите прволигаши.
Од годинава прволигашките натпревари ќе бидат проследени и со телевизиски преноси на регионалната телевизија Арена спорт и на МТВ, и тоа од секое коло по два (сабота и недела), како и натпревари од Купот на Македонија. Според календарот на ФФМ, есенскиот дел од прволигашката сезона треба да заврши на 8 декември, а пролетниот дел да почне на 16 февруари в година. Второлигашите првото коло треба да го играат на 24 август.