Во финалето на ЛШ на 1 јуни ќе играат премиерлигашите, Ливерпул и Тотенхем, кои се од земја-рекордер според бројот на тимови што играле во финалето, осум (пет победувале)
За многумина полуфиналните дуели во Лигата на шампионите (ЛШ), Ливерпул – Барселона (4-0, 0-3) и Ајакс – Тотенхем (3-2, 0-1), особено реваншите, заслужуваат почесно место во фудбалската историја, поради повеќе причини. Квалитетот на прикажаниот фудбал, на сите мечеви, беше на највисоко ниво, но она што ги остави без здив и ги поткрена гледачите од столчињата на стадионите и од фотелјите пред ТВ-екраните беа возбудувањата, головите и пресвртите, кои долго и нашироко ќе се прераскажуваат.
Ливерпул по поразот во првиот меч на „Ноу Камп“ (0-3), кога блескаше Лионел Меси, веќе беше прежален. Но во реваншот, во неверојатната „европска ноќ на Енфилд“, ја надомести таа „недостижна“ негатива и триумфира со 4-0. Тотенхем го загуби првиот меч во Лондон (0-1), а во реваншот по првите 45 минути губеше со 0-2. Сепак во второто полувреме се врати од мртвите, успеа да израмни на 2-2, потоа како во филмски трилер, во последниот напад, во 96-та минута го постигна третиот гол за голем триумф од 3-2 и за прв пласман во финале на ЛШ во клупската историја.
Ваквата разврска е своевидна најава дека во големото финале на 1 јуни во Мадрид, на стадионот „Метрополитано“, ќе има нови возбудувања. Дотогаш ќе следуваат прогнозите, предвидувања, најавите, кој како котира кај обложувачниците и слично.
Ние во продолжение ви пренесуваме некои рекордни постигнувања во финалињата на ЛШ (и КЕШ), на клупски и на индивидуален план, кои најверојатно ќе останат за уривање до некој следен ваков дуел.
Тотенхем го игра првото финале и има шанса да ја освои првата титула првак на Европа. За Ливерпул ова ќе биде деветто финале и атака на шестата титула.
Англичаните се рекордери според бројот на тимови што играле во финалето, осум (пет победувале). Тоа се Арсенал, Астон Вила, Челси, Лидс, Нотингем форест, Манчестер Ј., Ливерпул и Тотенхем. По шест тима финалисти имаат Италија и Германија. Но Шпанија, која досега имала само четири екипи финалисти, е рекордер со 29-те учества во финалињата, еден повеќе од Италија. Клубовите од Англија 20 пати играле во финале на КЕШ/ЛШ.
Што се однесува до фудбалерите што настапиле во финалињата, ќе нема промени. Паоло Малдини (Милан) и Кристијано Роналдо (Манчестер Ј. и Реал) остануваат рекордери со по шест настапи, еден повеќе од Патрис Евра (Монако, Манчестер Ј. и Јувентус), од Кларенс Сидорф (Ајакс, Реал, Милан) и од Едвин ван дер Сар (Ајакс, Манчестер Ј.).
Рекордните четири гола на Роналдо во финалињата исто така нема да бидат загрозени како и трите трофеи за тренерите, Зинедин Зидан со Реал (2016, 2017 и 2018), на Карло Анчелоти со Милан и Реал (2003, 2007 и 2014) и на Боб Пејсли со Ливерпул (1977, 1978 и 1981).
Од клубовите најмногу финални настапи има Реал, 16 (13 пати бил победник), Милан 11 (седум титули), Баерн 10 (пет), Ливерпул девет (пет), Барселона осум (пет).
Во минатите шест децении победниците во 10 финални натпревари биле решени по изведувањето пенали, а пет по продолженија, по 120 минути игра. Само во еден случај се играл втор меч, во 1974 година, меѓу Баерн и Атлетико. Откако првиот меч заврши без победник, 1-1, во повторниот дуел два дена подоцна, Баерн триумфира со 4-0.