Најважниот играч за англискиот шампион Манчестер Сити во минатата сезона, Кевин де Бруин, и натаму нема среќа од почетокот на оваа сезона.
Откако пропушти два месеца поради повреда на десното колено, сега Белгиецот ќе биде во аут уште пет или шест недели, откако вчера се здоби со повреда на левото колено. Лошото е што овој пат има оштетување на лигаментите на коленото.
Во официјалното соопштение на клубот се споменува дека не е неопходно Де Бруин да се оперира. Периодот од пет до шест недели отсуство, сепак ќе значи дека плејмејкерот на Сити ќе го пропушти дербито со Манчестер Јунајтед следниот викенд, а по секоја веројатност и дуелот со Челзи на „Стемфорд Бриџ“, кој треба да се одржи на 8 декември. Помеѓу овие два дерби меча се дуелите од Лигата на шампионите со Шахтјор Доњецк и Лион.
Белгиецот го напушти теренот во 86-тата минута вчера во дуелот со Фулам и веднаш се упати кон тунелот на „Етихад“. Тоа беше едвај негов втор меч како стартер, откако се опорави од претходната повреда.