По клупската титула, шанса за трофеј и со репрезентацијата во иста година имаат Жоргињо, Кристенсен, Маунт, Чилвел, Џејмс, Аспиликуета и Силва, кои играа за Челси во победничкото финале во ЛШ. Досега ваква двојна европска круна во иста година (со настап во двете финалиња) освоија деветмина, а трофеј во ЛШ и на Копа Америка двајца
ФУДБАЛ – ПО ПЛАСМАНОТ ВО ПОЛУФИНАЛИЊАТА НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО И НА КОПА АМЕРИКА
Жоргињо од Италија, Андреас Кристенсен од Данска, Мејсон Маунт, Бен Чилвел и Рис Џејмс од Англија и Цезар Аспиликуета од Шпанија сезонава може да ја заокружат со два големи екипни фудбалски трофеја. Сите тие во мај со Челси ја освоија европската клупска титула играјќи во финалето, а сега се во трка за вториот голем трофеј во една сезона, тој на Европското првенство за репрезентации, секако ако настапат и во тоа победничко финале. Нивните репрезентации се во полуфиналето, па Жоргињо ќе игра против Аспиликуета, а Кристенсен против Маунт, Чилвел и Џејмс и некој од нив ќе ја освои ретката двојна европска круна во една година.
Во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) за Челси настапија како стартери капитенот Аспиликуета, Џејмс, Чилвел, Маунт и Жоргињо, а Кристенсен влезе во игра од клупата. Досега ваква двојна европска круна во иста година освоија деветмина фудбалери, а Европската фудбалска унија (УЕФА) ги смета само играчите што настапиле во двете финалиња во соодветната година. Така, две вакви титули прв освои Луис Суарез со Интер и со Шпанија во 1964 година, потоа славеа Ханс ван Брукелен, Роналд Куман, Бери ван Ерле, Џералд Ваненбург со ПСВ Ајндховен и со Холандија во 1988 година, Фернандо Торес и Хуан Мата со Челси и со Шпанија во 2012 година и Кристијано Роналдо и Пепе со Реал Мадрид и со Португалија во 2016 година, пишува УЕФА на својата интернет-страница. Од фудбалерите на Челси што ја освоиле ЛШ е и Италијанецот Емерсон, кој не играше во финалето, но имаше неколку настапи во текот на сезоната во ЛШ.
Два големи трофеја во иста година може да освои и Тијаго Силва, кој, исто така, со Челси стана европски клупски првак годинава, а со репрезентацијата на Бразил е во полуфиналето на Копа Америка (првенство на Јужна Америка). Според информациите, неговите сонародници Алисон Бекер и Роберто Фирмино се единствените со европска клупска титула и со триумф на Копа Америка во иста година (со настап во двете финалиња), откако тоа го направија со Ливерпул и со Бразил во 2019 година. Кристијан Пулишиќ, пак, нема да игра на Голд-купот годинава (првенство на Северна Америка), но на 6 јуни го постигна победоносниот гол за САД во финалето со Мексико во првото издание на Лигата на нации на Северна Америка.
ВО ТРКА ПО ДВЕ ГОЛЕМИ ТИТУЛИ ГОДИНАВА
Мејсон Маунт Англија
Бен Чилвел Англија
Рис Џејмс Англија
Жоргињо Италија
Андреас Кристенсен Данска
Цезар Аспиликуета Шпанија
Тијаго Силва Бразил
Сите настапија за Челси во победата во финалето на Лигата на шампионите во мај годинава, а сега се во полуфиналето на Европското првенство и на Копа Америка
ДВА ТРОФЕЈА ВО ИСТА ГОДИНА ЛШ И ЕП
ГОД. ФУДБАЛЕРИ, КЛУБ И РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
1964 Луис Суарез со Интер и со Шпанија
1988 Ханс ван Брукелен, Роналд Куман, Бери ван Ерле, Џералд Ваненбург со ПСВ и со Холандија
2012 Фернандо Торес, Хуан Мата со Челси и со Шпанија
2016 Кристијано Роналдо, Пепе со Реал Мадрид и со Португалија
ЛШ И КОПА АМЕРИКА
2019 Алисон Бекер, Роберто Фирмино со Ливерпул и со Бразил
На оваа листа се само фудбалери што играле во двете финалиња