Поради позитивни наоди на ковид-19 во Јунајтед, беше одложен синоќешниот меч со Брентфорд, претходно дуелите на Тотенхем со Брајтон и со Рен во Лигата на конференциите, повеќе играчи на Лестер не отпатуваа во Италија на натпреварот со Наполи…
ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Англиската Премиер-лига објави дека минатата недела биле регистрирани 42 позитивни фудбалери и персонал на тестот за ковид-19, најголема бројка во период од седум дена и најголема по јануари кога имаше 40 случаи. Таа недела биле направени 2.295, а во периодот од 6 до 12 декември, 3.805 теста. Брајтон, Тотенхем, Лестер, Манчестер јунајтед, Астон вила и Норич имаат потврдени позитивни случаи.
Поради неколкуте позитивни наоди на ковид-19 во Јунајтед по мечот против Норич (пред дуелот немало ниту еден позитивен), беше одложен синоќешниот натпревар, Брентфорд – Манчестер јунајтед, претходно и неделниот, Брајтон – Тотенхем, по избувнувањето на ковид-19 во лондонскиот клуб. И натпреварот на Тотенхем во Лигата на конференциите против Рен беше откажан. Во четвртокот, повеќе играчи на Лестер не отпатуваа во Италија на натпреварот против Наполи во Лига Европа поради позитивните тестови.
Пред неколку дена, по воведувањето на новите правила за коронавирус во Англија, Премиер-лигата им порача на клубовите да им се вратат на построгите мерки, вклучувајќи ги физичкото дистанцирање и задолжителното носење маски. Од денеска, според т.н. план Б на Владата, гледачите ќе мора да покажат доказ за двојна вакцинација или негативен тест за да присуствуваат на спортски настани со над 10.000 луѓе во Англија. Премиер-лигата во понеделникот соопшти дека зачестеноста на тестовите за играчите и за персоналот ќе се зголеми и оти „тесно ќе соработуваме со Владата, локалните власти и со навивачките групи, и ќе реагираме на какви било идни промени во националните или локалните упатства“.