Сите го видовме Ајакс лани, би било убаво да бидеме новиот Ајакс, рече напаѓачот на Салцбург, Халанд, кој е осмиот дебитант со хет-трик во ЛШ и прв со три гола во првото полувреме
Норвешкиот фудбалер, тинејџерот Ерлинг Браут Халанд, постигна хет-трик (три гола на еден натпревар) на дебито за австрискиот Салцбург на европската сцена, во победата дома со 6-2 против белгискиот Генк, во првото коло од новата сезона на Лигата на шампионите (ЛШ). Тоа беше негов четврти хет-трик на деветте меча сезонава.
– Сите го видовме Ајакс минатата година, би било убаво да бидеме новиот Ајакс. Знаеме дека има многу добри тимови и дека ќе биде тешко, но сѐ е можно – рече тој за интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Според некои податоци, најмлад стрелец на хет-трик во ЛШ е Шпанецот Раул, со 18 години и 113 дена, а најмлад дебитант со постигнати три гола на еден меч од ЛШ е Англичанецот Вејн Руни, со 18 години и 340 дена.
Хет-трикот на Халанд е 120-от, откако најсилното европско фудбалско клупско натпреварување се игра како ЛШ (до 1992 година се играше Купот на шампионите) и тој е осмиот дебитант со вакво постигнување, но меѓу нив е и Холанѓанецот Марко ван Бастен, кој на тој дебитантски меч постигна вкупно четири гола. Халанд, пак, е првиот дебитант со хет-трик постигнат во првото полувреме, пишува УЕФА.