Ливерпул ја совлада Рома во првиот полуфинален меч во ЛШ со 5-2, а Салах постигна два и асистираше за уште два гола, со што ја продолжи својата одлична сезона, во која веќе собори повеќе рекорди и доби многу признанија

Египќанецот Мохамед Салах, напаѓачот на Ливерпул, ја продолжи фантастичната серија голови сезонава, постигнувајќи два и асистирајќи при постигнувањето на уште два гола, на првиот полуфинален фудбалски натпревар во Лигата на шампионите (ЛШ), во кој Ливерпул ја победи Рома со 5-2, во вторникот. Салах, до лани фудбалер на Рома, игра во феноменална форма сезонава, во ЛШ и во Премиер-лигата, а веќе го доби признанието за најдобар играч на сезоната во изборот на колегите, професионални фудбалери во Англија.

Салах е водечки стрелец во Премиер-лигата со 31 гол, во ЛШ има 10 (плус еден во квалификациите), колку што има и Фирмино (најефикасен со 15 гола е Кристијано Роналдо), а вкупно 43 на 48 натпревари (по еден гол на секои 87 минути) сезонава за Ливерпул во сите конкуренции. Тоа е за четири помалку од клупскиот рекорд од 47 на Иан Раш од сезоната 1983/1984, кога Ливерпул по четврти пат беше шампион на Европа. Салах постигнува гол на последните пет меча во ЛШ, нешто што претходно му успеа само на легендарниот капитен Стивен Џерард во сезоната 2007/2008. Салах со 10-те гола е најефикасниот Африканец во ЛШ, претекнувајќи го Камерунецот Самуел Ето, кој постигна осум гола за Интер во сезоната 2010/2011.
Египќанецот е и најефикасниот Африканец во Премиер-лигата со 31 гол (Дидие Дрогба од Брегот на Слоновата Коска во сезоната 2009/2010 за Челси постигна 29). Од досегашните 31 премиерлигашки гол, Салах постигна 24 со левата нога. Рекордер во оваа категорија претходно беше поранешниот напаѓач на Ливерпул, Роби Фаулер, со 19 гола со лева нова во сезоната 1994/1995.

Салах ланилето од Рома замина во Ливерпул за околу 40 милиони евра, сума што тогаш се чинеше превисока за релативно недокажан играч на големата европска сцена, што сега, по неверојатната сезона, изгледа прениска. Газдата на Рома, американскиот бизнисмен Џејмс Палота, кој живее во Бостон, деновиве изјави дека неговиот колега, пријател и бизнисмен Џон Хенри, газдата на Ливерпул, кој, исто така, е од Бостон лани му се жалел дека дал премногу пари за Салах. За да го утеши, Палота се понудил да го почести со ручек. За тоа кој кого надмудрил во ланската трансфер-зделка со Салах воопшто не треба да се коментира. На слична тема шпански „Ел паис“ напиша дека менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, и не бил многу заинтересиран за ангажирање на Салах, сметајќи дека во неговата улога многу подобро ќе се снајде Фелипе Кутињо, кој, пак, зимава замина во Барселона.
Салах ги заслужи симпатиите кај навивачите на Ливерпул и кај пошироката фудбалска јавност, со одличните игри и постигнатите голови. Тој е омилен во Египет, поради заслугите за пласманот на СП 2018, но и поради скромноста и несебичноста. Тој не жали пари за отворање и опремување училишта и болници во родниот град Нагриг.
Британски и шпански медиуми веќе го истакнуваат Салах како сериозен кандидат за наградата „златна топка“, за најдобар светски фудбалер на годината, заедно со Кристијано Роналдо и со Лионел Меси. 


Милнер рекордно асистира, Ливерпул прв има ефикасна голгетерска тројка

Џемс Милнер од Ливерпул влезе во историските книги на фудбалската ЛШ, со деветте, рекордни асистенции. Претходно Вејн Руни, во сезоната 2013/2014 и Нејмар во 2016/2017, асистираа по осум пати. Ливерпул е вториот тим што постигнува пет гола на полуфинален натпревар во ЛШ, по Ајакс, кој со идентични 5-2 го совлада Баерн во 1995 година. „Црвените“ од Ливерпул се првата екипа што има тројца фудбалери што постигнувале осум и повеќе голови во една сезона, Салах (10), Фирмино (10) и Мане (8). Фирмино, покрај 10-те гола, има и шест асистенции и вкупно учество во 16 гола, само два помалку од 18-те на К. Роналдо (15 гола и три асистенции).