Победивме на ЕП 2016, сега сакаме да го освоиме и СП. Можно е, да. Сѐ е можно. Но мора да бидеме и реални. Мојот сон беше да освојам нешто со репрезентацијата на Португалија и освоив два трофеја, а тоа ме прави да се чувствувам среќно. Освојував титули со секој клуб каде што играв, но СП, тоа е сон, вели Роналдо, кој со 760-те гола во кариерата, на клупско и на репрезентативно ниво, го надмина Бичан на вечната ранг-листа, пишува „Скај спорт“
ФУДБАЛ
Португалецот Кристијано Роналдо стана најдобриот стрелец во историјата на фудбалот со 760-те постигнати гола во кариерата, на клупско и на репрезентативно ниво, и го надмина Чехот Јозеф Бичан (759 гола) на вечната ранг-листа, објави „Скај спорт“. Роналдо (35), кој пристигна во Јувентус од Реал Мадрид во 2018 година, постигна еден гол на мечот во Суперкупот на Италија против Наполи (2-0), за деветти ваков трофеј за „старата дама“. Сезонава тој е и најефикасен во Серија А, со 15 погодоци на 14 натпревари.
Роналдо, петкратниот освојувач на „златната топка“ за најдобар фудбалер на годината, неодамна го помина легендарниот Бразилец Пеле според бројот на голови (757), кој сега е на третото место, Ромарио, уште еден Бразилец, е четврти (743), а Аргентинецот Лионел Меси е петти (719), пишува „Скај спорт“.
– Се чувствувам одлично во моментов, но не знам што ќе се случи утре. Јас ја живеам сегашноста, моментов, се чувствувам среќно. Се надевам дека ќе играм фудбал уште многу, многу години, но никогаш не се знае. Кога зборувам со младите фудбалери, им велам да уживаат во моментот, бидејќи никогаш не се знае што ќе се случи утре – вели Роналдо.
Една од причините што Роналдо верува дека неговата иднина ќе биде „многу светла“ е тоа што тој и неговите соиграчи од репрезентацијата се „многу позитивни“ кога станува збор за одбраната на титулата на Европското првенство (ЕП), пишува „Скај спорт“. Роналдо беше клучен дел од тимот што победи на ЕП 2016, првиот голем трофеј на Португалија, а потоа триумфира и во инаугуративната Лига на нации во 2019 година.
– Не знаеме што ќе се случи, мора да размислиме за нашата група и за противниците, но сметам дека ќе бидеме добри. Нашиот тим е уште подобар, напредувавме, младите стануваат сѐ подобри, па затоа сум многу самоуверен – вели Роналдо.
Роналдо инсистира дека не е задоволен со она што веќе го има освоено со Португалија и веќе го насочува вниманието кон единствениот голем меѓународен трофеј што треба да го освои допрва, Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар, пишува „Скај спорт“.
– Победивме на ЕП 2016, сега сакаме да го освоиме и СП. Можно е, да. Сѐ е можно. Но мора да бидеме и реални. Мојот сон беше да освојам нешто со репрезентацијата на Португалија и освоив два трофеја, а тоа ме прави да се чувствувам среќно. Освојував титули со секој клуб каде што играв, но СП, тоа е сон – вели Роналдо.
Од 760-те официјално постигнати голови, според „Опта статистика“, на која се повикува „Скај спорт“, 450 се за Реал Мадрид во деветте сезони, 118 за Манчестер јунајтед, 102 за Португалија, 85 за Јувентус и пет за Спортинг. Неговата најплодна голгетерска година засега е 2013-та, кога 69 пати ја затресе мрежата. Најмногу голови, 27, Роналдо постигнал против Севилја, потоа 25 на мечеви со Атлетико и 23 со Хетафе. На домашен терен, Роналдо мрежата ја затресол 410 пати, на гости 304, а на неутрални терени 46. Роналдо засега има 46 хет-трика (три гола на еден меч), 136 пати постигнал по два гола, на осум меча по четири гола, двапати по пет гола… Вкупно во шпанската Ла лига постигнал 311 гола, во Лигата на шампионите 134, во Премиер-лигата 84, во Серија А 67, во квалификациите за СП 30, во квалификациите за европските првенства 31, во ФА-купот 13, на СП седум…, пишува „Скај“.