Фудбалерите на италијанскиот шампион Јувентус го совладаа мадридски Атлетико со 3:0 во реванш-натпреварот во осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ), и по поразот на првиот наптревар од 2:0, успеаја да се пласираат во следната фаза.
Уште од првите моменти на натпреварот, забележителна беше силната желба на играчите на тренерот Максимилиано Алегри, а почетниот притисок беше крунисан во 27. минута, кога Кристијано Роналдо со глава ја погоди мрежата на голманот на Атлетико Мадрид, Јан Облак.
„Старата дама“ во второто полувреме излезе на теренот во Торино со подеднаква мотивација како во првото и уште во 48. минута, по одличниот центар-шут на португалецот Жоао Кансело, Роналдо повторно со глава упати удар кон голот на Облак кој Словенецот го одбрани, но технологијата на гол-линија покажа дека топката завршила во голот.
Одлучувачкиот момент се случи во 85. минута, кога крилниот напаѓач на Јувентус Федерико Бернардески одлично проби по левата страна во половината на мадриѓани сѐ до шеснаесетте метри на Облак, каде што беше турнат од Аргентинецот Анхел Кореа. Судијата Бјорн Кујперс без двоумење покажа на белата точка, од каде повторно Роналдо сигурно реализираше.
Ова е осми хет-трик за Португалецот во ЛШ, со што се израмнува на вечната листа со најголемиот ривал Лионел Меси.
На вториот вечерашен натпревар, Манчестер сити со убедливи 7:0 (вкупно 10:2) го понижи германскиот претставник Шалке и без поголеми проблеми оствари настап во следниот круг од најпрестижното клупско натпреварување.
Претходно, пласман во четвртфиналето остварија Ајакс, Тотенхем, Порто и Манчестер јунајтед, а утревечер ќе се комплетира осминафиналното коло со наптреварите Барселона – Лион и Баерн Минхен – Ливерпул.