Португалецот со првиот гол на мечот со Шпанија го достигна ефектот на Пеле, Зелер и на Клосе со постигнат гол на четири мундијали, а со хет-трикот прво стана најстариот со таков голгетерски успех на СП, но со уште еден би станал петтиот играч со два хет-трика на мундијалите, нешто кон што во Русија целат и Шаќири, Милер и Игуаин
Капитенот на фудбалската репрезентација на Португалија, Кристијано Роналдо, ѝ се приклучи на елитна група фудбалери што постигнувале голови на четири светски првенства. Тој во 1-то коло на Светското првенство (СП) во Русија постигна три гола во ремито со Шпанија, 3-3, а претходно имаше по еден гол на мундијалите во 2006, 2010 и во 2014 година.
На оваа листа од минатото СП во Бразил се наоѓа Германецот Мирослав Клосе, кој е и водечки стрелец на сите мундијали со 16 гола (пет на СП 2002 и на СП 2006, четири на СП 2010 и два на СП 2014).
Неговиот сонародник Уве Зелер и Бразилецот Пеле на исто СП, во 1970 година, први се запишаа на оваа листа. Зелер мрежата по двапати ја тресеше на СП 1958, 1962 и во 1966 и трипати на СП во 1970 година за вкупно девет гола. Пеле, пак, шест гола постигна на СП 1958 како тинејџер, потоа по еден на СП 1962 и 1966 и уште четири на СП 1970, вкупно 12. Во Русија во овој голгетерски клуб може да влезат и Рафа Маркес од Мексико и Тим Кејхил од Австралија.
Хет-трикот на Роналдо на мечот со Шпанија е 51-ви на светските првенства (СП), а тој со 33 години и четири месеци стана најстар стрелец на три гола на еден меч на едно СП.
Со овој хет-трик и Мундијалот во Русија се запиша на листата светски првенства на кои биле постигнувани три гола од еден играч на еден меч. Во историјата на светските првенства само на Мундијалот во 2006 година ниту еден фудбалер не постигна хет-трик. Така, на минатото тоа го направија Џердан Шаќири од Швајцарија, на мечот со Хондурас (3-0) и Томас Милер на дуелот со Португалија (4-0). На СП во Јужна Африка единствен со хет-трик беше Гонзало Игуаин, од Аргентина, на дуелот со Јужна Кореја (4-1) итн.
Роналдо на СП 2018 ќе се обиде да влезе и на една друга хеттрик-листа, а тоа е на листата со четворица фудбалери што во кариерите имаат по два хет-трика на светските првенства. Тоа досега им успеа на Унгарецот Шандор Кочиш (двата на СП 1954 година), Французинот Жист Фонтен (двата на СП во 1958 година), Германецот Герд Милер (двата во на СП 1970 година) и Аргентинецот Габриел Батистута (по еден хет-трик на СП 1994 и на СП 1998). На ова СП во Русија на оваа листа со еден хет-трик можат да се запишат и Шаќири, Томас Милер и Игуаин.