ФУДБАЛ

Португалецот Кристијано Роналдо стана првиот фудбалер што постигнал барем по 50 гола во три од петте најсилни европски првенства, во италијанската Серија А, во шпанската Ла лига и во англиската Премиер-лига, објави „Би-би-си“. На дербито Јувентус – Лацио (2-1), Роналдо ги постигна двата гола, по што „старата дама“ е на чекор до освојување нова, деветта последователна титула во Серија А, бидејќи има осум бода повеќе од второпласираниот Интер и потребни ѝ се уште четири бода на последните четири меча сезонава за обезбедување на титулата.

Роналдо (35) се израмни според бројот на постигнати голови сезонава, 30, со Чиро Имобиле, кој го постигна почесниот гол за гостите во дербито. Капитенот на Португалија, Роналдо, има шанса да стане првиот играч на Јувентус што ја освоил „златната копачка“ во Серија А, по Алесандро дел Пјеро, во сезоната 2007/2008. Згора, Роналдо е фудбалерот што најбрзо постигнал 50 гола во Серија А во овој век (вкупно 51), на 61 натпревар.

Во Премиер-лигата, Роналдо постигна 84 гола на 196 настапи за Манчестер јунајтед, а во Ла лига 311 погодоци на 292 натпревари за Реал Мадрид. Роналдо е третиот играч на Јуве што постигнал 30 погодока во една сезона во Серија А, а Имобиле е петтиот Италијанец што ја достигнал таа бројка. Двајцата го изедначија и рекордот на постигнати голови од пенал во една сезона, 12.

Сезонава најмногу голови во петте најсилни европски лиги постигна Полјакот Роберт Левандовски од Баерн, 34. Роналдо и Имобиле имаат по 30, Меси застана на бројката од 25 гола, а во Премиер-лигата водечки стрелец е Џејми Варди од Лестер со 23 гола.