Фото: Маја Јаневска-Илиева

БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ, СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНИЈА ВО ФУДБАЛ

Не сум разговарал со претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, околу предлог-измените за календарот на натпревари, во кој главна точка е Светско првенство (СП) на две години. Не знам и дали ќе има некаква онлајн комуникација на оваа тема со селекторите, како што беше најавено во медиумите. Јас лично не сум размислувал многу на таа тема, СП на две или на четири години, немам изграден став, бидејќи не ги знам сите детали. Сметам дека треба да се разгледаат сите детали за да се најде за сите прифатливо решение, вели селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски.
На Македонија ѝ остануваат уште два меча до крајот на квалификациите за пласман на Светското првенство во 2022 година, во групата Ј, на гости кај Ерменија и дома со Исланд, на 11 и на 14 ноември. Германија како првопласирана во групата, веќе обезбеди пласман на Мундијалот, а за второто место конкурираат Романија, која има 13 бода, како и Македонија и Ерменија, кои имаат по 12 бода.
– Има доста комбинации, но додека постојат шанси треба да се верува дека можеме да бидеме втори. Многу битен ќе биде исходот од мечот со еден од конкурентните, Ерменија, на гости. Реално ситуацијата е доста комплицирана, бидејќи Македонија зависи и од резултатите на другите селекции. Ќе видиме што ќе излезе на крајот – вели Милевски, кој за тој меч не ќе може да смета на капитенот Стефан Ристовски (два жолти картона) и на повредениот Аријан Адеми.
При преземањето на селекторската функција во македонската репрезентација во август годинава, Милевски најави дека главна цел во наредниот период ќе биде пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година во Германија и во меѓувреме освежување, односно подмладување на репрезентацијата.

– Репрезентацијата ќе се подмладува, тоа е неминовно, тоа е некаков природен процес, но нема да биде драстично. Некои помлади играчи веќе добија шанса, некои ќе добијат на следните два квалификациски меча, битно ми е да ги видам како ќе се однесуваат на важни натпревари, со силни противници, бидејќи не е исто играњето во квалификации за светските или за европските првенства и во Лигата на нациите. Во комбинација се и некои играчи од младата репрезентација, но ќе почекаме тие да ги истуркаат квалификациите, па потоа да решиме на кои ќе им се даде шанса во најдобрата селекција. Во декември е ждрепката за следното издание на Лигата на нациите, потоа во јуни нѐ чекаат четири и во септември уште два меча. Во меѓувреме во неколкумесечна пауза од ноември до јуни, планирани се два меча во март кога ќе се играат баражите за СП, но ништо не е конкретизирано, бидејќи има многу непознати околу тоа кои селекции ќе играат во плејофот – вели Милевски.
Системот видеоасистент-судија (ВАР), кој се воведе во фудбалот пред неколку години, и покрај промените и подобрувањата, постојано е цел на полемики и критики.

Последната контроверзија е во врска со ситуацијата кога напаѓачот, кој фактички е во офсајд, постигнува гол откако топката дошла до него откако одбранбен играч ја допрел. По неколкуте спорни ситуации есенва се огласи и судиската комисија при Европската фудбалска унија (УЕФА), која најавува брзо решавање на проблемот.
– Генерално мислам дека ВАР е добро решение, пред сѐ поради фактот дека нема шанси, како порано, да се случуваат кардинали судиски грешки и некоја екипа или репрезентација да биде оштетена. Факт е и дека треба да се менуваат некои работи, не смее да се суди офсајд откако ќе се мери во милиметри е понапред од дефанзивецот. Треба да се скрати и времето на прегледот на снимката, не смее да се чека пет минути некој во ВАР-собата да размислува. Некои работи треба да се прецизираат за да се избегнат различните судиски толкувања, па и грешки. Фудбалската игра е сѐ побрза, човечкото око често може малку да види во реално време и правилно да пресуди. Затоа е потребна модерната видеотехнологија за да им помага на судиите. Веројатно ќе бидат потребни и некои измени во правилата, сѐ во функција на играта – рече Милевски.