Кристијано Роналдо

Актуелниот европски првак и најтрофеен, со 13 титули, Реал има 201,9 милиони следбеници на Фејсбук, на Инстаграм и на Твитер, иако летово остана без првата ѕвезда, Кристијано Роналдо

Социјалните мрежи или медиуми (Фејсбук, Инстаграм и Твитер) станаа клучен дел од начинот на кој најголемите и најбогати фудбалски клубови се поврзуваат со своите обожаватели во светот. Социјалните мрежи значително придонесуваат и за зголемувањето на приходите на клубовите, бидејќи цел на производителите на спортски и на други модни производи за спонзорирање се токму играчите што имаат најголем број обожаватели, односно следбеници.

Неодамна „Делоит“ направи ранг-листа за тоа кои се најпопуларните клубови на социјалните мрежи. На првата позиција е шпанскиот „кралски“ фудбалски клуб, Реал Мадрид, актуелен европски првак и најтрофеен со 13 титули, со 201,9 милиони следбеници, иако летово остана без првата ѕвезда, Кристијано Роналдо. На Фејсбук (ФБ), Реал го следат 109,2, на Инстаграм 62, а на Твитер 30,7 милиони луѓе.
Зад Реал, на втората позиција во оваа категоризација, е уште еден шпански клуб, Барселона, со 190,4 млн следбеници на социјалните мрежи, на Фејсбук 102,7, на Инстаграм 58,8 и на Твитер 28,9 млн. Но Барселона има дополнителни 13,6, односно 5,6 млн. следбеници на две други социјални мрежи, Каталонија и Шпанија 1.

На третото место е најбогатиот клуб во светот во последните две години, Манчестер јунајтед, со проценета вредност од околу четири милијарди евра. Овој клуб има вкупно 114,8 млн. следбеници на трите социјални мрежи, на Фејсбук 73,5, на Инстаграм 23 и на Твитер 18,3 млн. „Главен“ е Пол Погба, а до лани Златан Ибрахимовиќ (сега во ЛА Галакси), кои имаа(т) 30 и повеќе милиони следбеници на Инстаграм.

Четврти е уште еден премиерлигашки клуб, Челси, со 72,2 мл следбеници, на Фејсбук 47,7, на Инстаграм 12,4 и на Твитер 12,1 млн. Можеби изненадувачки, но лани еден од најпопуларните кај навивачите на Челси бил Бразилецот Давид Луиз, со над 18 млн. следбеници на Инстаграм.

По двата шпански и двата англиски клуба, следува германски Баерн, со 65,6 млн. следбеници, од кои на Фејсбук отпаѓаат 47,6, на Инстаграм 13,6 и на Твитер 4,5 млн. следбеници. Од шестата до 10-та позиција се Арсенал со 63,3 млн. (на Фејсбук 37,8, на Инстаграм 11,8 и на Твитер 13,7 млн.), ПСЖ со 55,8 млн. (Фејсбук 35,3, Инстаграм 14,2, и Твитер 6,4 млн.), Јувентус со 55,1 млн. (Фејсбук 34,6, Инстаграм 14,3 и Твитер), Ливерпул со 51 млн (Фејсбук 31,9, Инстаграм 8,6 и Твитер 10,5 млн.) и Манчестер сити со 49,3 млн. (Фејсбук 35,2, Инстаграм 7,8 и Твитер 6,3). 


Роналдо е зад Селена Гомез!

На поединечната листа на Инстаграм, Кристијано Роналдо е втората најследена личност во светот. со околу 135 млн., зад младата американска поп-пејачка, актерка и продуцентка Селена Гомез (26),која има најмногу, 140 млн. следбеници.
Роналдо има и модна линија наречена КР7, која е попопуларна од неговиот претходен, но и сегашен клуб, па, оттаму, неговиот трансфер немаше поголемо влијание околу бројката на следбеници на социјалните мрежи. Но затоа Реал загубил речиси еден милион следбеници на Твитер по трансферот на Роналдо во Јувентус, каде што се случило спротивното, над 1,4 милион нови следбеници на Инстаграм и по 400.000 нови на Фејсбук и на Твитер.
Трет на ранг-листата на Инстаграм е Бразилецот Нејмар, со бројка од над 100 млн., потоа Аргентинецот Лионел Меси со 97,5 млн., Колумбиецот Хамас Родригез, играчот на Баерн со над 40 млн. следбеници и Мохамед Салах, напаѓачот на Ливерпул и играч на сезоната 2017/2018 во Премиер-лигата, со 19,3 млн. следбеници итн. Л.Д.