ПН: Рекордна сезона била минатата, со 18 автогола (еден на секој седми меч), а пред тоа рекордни со по 14 автогола биле сезоните 2015/2016 и 2016/2017

Барселона од Шпанија и Спортинг од Португалија се најефикасни според постигнати автоголови во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), објави Европската фудбалска унија (УЕФА). Двата клуба во вкупно 195-те автогола во натпреварувањето учествувале со по девет, веднаш зад нив е Реал Мадрид, а потоа со по шест автогола следуваат Арсенал, Баерн, Галатасарај и Манчестер јунајтед.
Единечен најефикасен автоголџија нема, туку има 15-мина со по две затресувања на сопствената мрежа, меѓу нив, на пример, Серхио Рамос и Жерар Пике. Од тие 15, само Џереми Матје постигнал автоголови за два тима, за Барселона против ПСЖ и за Спортинг против Барселона.

Во првите две сезони на ЛШ немало автогол, а стрелец на првиот бил Франко Барези од Милан, на дуелот со Ајакс во 1994 година. Рекордна сезона била минатата, со 18 автогола (еден на секој седми меч), а пред тоа рекордни со по 14 автогола биле сезоните 2015/2016 и 2016/2017.
Најголема добивка од автоголовите имале Челси и Реал Мадрид, кои на таков начин постигнале по 14 гола. Зад нив се Барселона со 13, Баерн и Манчестер јунајтед со по 10 итн. Челси е рекордер во т.н. гол-разлика на автоголови, со плус 13.
Најбрзиот автогол е дело на Иниго Мартинез од Манчестер јунајтед, за една минута и девет секунди, во 2013 година, а со тој гол Сосиедад ги победи „бебињата“.
Според УЕФА, автогол најчесто бил постигнуван во 82. минута.


Четворица погодија во двете мрежи

Имало и четворица фудбалери што на ист меч во Лигата на шампионите постигнале и гол и автогол, и тоа Морис Еду од Глазгов ренџерс на меч со Валенсија (1-1), Каду од Клуж на дуел со Баерн (3-2), Михаел Киани од Бордо на средба со Баерн (2-1) и Алекс од ПСВ на натпревар со Челси (1-1).
Каду двата гола ги постигнал во рок од пет минути, а на тој меч сите погодоци биле дело на играчи на Клуж, оти имало уште еден автогол во мрежата на домаќинот.