Претходнава деценија и повеќе пресингот стана пофокусиран, поспецифичен и покоординиран, за што придонесе и напредокот во спортската наука и во физичката подготовка. Играта е многу поатлетска отколку пред една деценија. Повеќето играчи можат да трчаат побрзо и подолго. Големото подобрување на пресинг-играта се гледа како една од клучните причини зошто Баерн триумфира во Лигата на шампионите
Колку што е отворен Јирген Клоп, и колку одушевено и да зборува за принципите на неговите фудбалска идеи, постои една област за која Германецот останува целосно затворен. Тоа е во врска со спецификите на пресинг-играта на Ливерпул, како е координиран и како е трениран.
– Клоп не дозволува никој да ги гледа неговите тренинзи – вели извор близок до клубот.
Тоа може, во буквална смисла, да е тајната на успехот. Големото подобрување на пресинг-играта се гледа како една од клучните причини зошто Баерн триумфира во Лигата на шампионите (ЛШ). Претходнава деценија и повеќе пресингот стана пофокусиран, поспецифичен и покоординиран, за што придонесе и напредокот во спортската наука и во физичката подготовка. Играта е многу поатлетска отколку пред една деценија. Повеќето играчи можат да трчаат побрзо и подолго. Треба само да се погледне издржливоста на „бековите“ како Трент Александар-Арнолд и бројката на крилни играчи што се на списокот на најбрзи во техничкиот извештај на УЕФА за минатата сезона, пишува во написот на британскиот весник „Индепендент“.
Тоа не е случајно, бидејќи пресингот е сегментот на кој тренерите му посветуваат најмногу внимание, а оттаму произлегуваат повеќето иновации и еволуции. Во Германија многумина заслугите за воведувањето на пресингот му ги припишуваат на еден човек и тоа го нарекуваат „револуција на Ралф Рангник“. Тоа е поради начинот на кој тој ја постави идејата во Хофенхајм, а потоа ја разви во Лајпциг.
Алекс Цорнигер, кој работеше со Рангник во Лајпциг, ги објаснува принципите на пресингот и неговите модерни толкувања.
– Кога се браните, играчите треба да знаат што значи за нивниот простор кога противнички играч е во одредена позиција, кога еден напаѓач ќе се појави во една област. Значи, во системот 4-3-1-2, се обидувате да ги затворите крилата, така што тие ќе мора да додаваат кон центарот на теренот каде што се повеќето од вашите играчи. Тоа е како парчиња од навистина добар часовник. Сѐ мора да одговара. Секој мора да ја знае својата функција. За тоа треба да се тренира – вели Цорнигер.
Тука се доаѓа во делокругот на деловните тајни каде што софистицираноста на кој било специфичен пристап може да има позитивен ефект. Тоа може да се види во пристапот на Ливерпул, и како бековите во суштина стануваат напаѓачи, а единствените вистински дефанзивни играчи се центархалфовите и двајцата дефанзивни играчи од средниот ред. Тоа може да се забележи и во сигурноста со која Баерн играше толку високо на теренот во минатата сезона, и колку ретко грешеше.
Тој интензитет бара ниво на интеграција, треба сѐ да биде фино нагодено, и кога недостига дури и една компонента падот може да биде тежок. Дупка во една област ќе создаде верижна реакција. Истото тоа се случува ако некој играч не се вклопува во системот. Не функционира како часовник. Понекогаш тоа е причината зoшто менаџерите, се чини необјасниво, исфрлаат од тимот некои поединци.
– Начинот на кој врвните екипи се организирани во одбраната за да ја одземат топката е одлучувачка во освојувањeто на секоја голема титула претходниве неколку години. Дури и Франција бараше организација во транзиција. Длабоко верувам дека тим што е 100 отсто совршен играјќи со топка ќе загуби од тим што е 100 отсто совршено организиран против топката – тврди Цорнигер, пренесува „Индепендент“.
Цорнигер: Вистинската разлика доаѓа од психолошкиот тренинг
Техничката и тактичката обука се основата, но Цорнигер вели дека вистинската разлика доаѓа од психолошкиот тренинг.
– На тренинг се обидувате и ги држите играчите под голем интензитет што е можно повеќе, така што тие на вистинските натпревари се чувствуваат поопуштено. Тогаш е многу полесно да се направи што било и да се донесуваат одлуки. Тоа е како кучето на Павлов. Во совршена ситуација, пресингот е како втора природа, и сѐ функционира како оркестар – вели Алекс Цорнигер, пренесува „Индепендент“.
Битна е и посветеноста на играчите
Алекс Цорнигер вели дека е битна и посветеноста на играчот, а Лајпциг се залагал за ангажирање играчи под одредена возраст и со релативно мало искуство.
– Нивниот ментален хард-диск како да е празен, а интензитетот со кој може да играат е поголем. Затоа можете да ги имплементирате вашите принципи многу побрзо. Поискусните играчи знаат дека има поголем број опции. Тие често играле во различни системи. Играњето високо или трчањето без престан може да биде ризично. Тие може да бараат полесни решенија, како што е враќањето на топката назад – вели Цорнигер.