ПСЖ, Баерн и Манчестер сити со победи вечерва ќе се пласираат во осминафиналето. Сезонава на 11 меча во лигата 1 и во ЛШ на осум (од тоа три во ЛШ) не се затресе мрежата на Навас, новиот голман на ПСЖ
Во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал вечерва ќе се играат преостанатите осум меча од четвртата рунда во групната фаза. ПСЖ, Баерн и Манчестер сити, кои имаат максимален ефект по трите кола, со победи на мечевите против Бриж, Олимпијакос, односно против Аталанта ќе ги решат сите дилеми и ќе можат да размислуваат за нокаут-фазата во февруари следната година. Во слична ситуација се Јувентус и Атлетико (имаат по седум бода), но ги очекуваат поголеми искушенија бидејќи имаат тешките гостувања, на Локомотив во Москва, односно на Баер во Леверкузен.
ПСЖ е импресивен сезонава во ЛШ. На трите меча постигна девет, а не прими ниту еден гол. Главни ѕвезди во редовите на францускиот првак се напаѓачите, Нејмар, Килијан Мбапе, Мауро Икарди, Единсон Кавани, Анхел ди Марија, но и одбраната не е за потценување.
Големи заслуги за успесите во ЛШ и во домашниот шампионат има и голманот од Костарика, Кејлор Навас (32), кој во септември пристигна од Реал Мадрид со кого претходно освои три титули првак на Европа, во 2016, 2017 и во 2018 година. Лани Навас беше во сенка на Тибо Куртоа, повеќе време беше на клупата за резерви отколку што бранеше, што беше главната причина за преселбата во Париз. Сезонава, на 11 натпревари во лигата 1 и во ЛШ, на осум мрежата на Навас не се затресе, а тој прими вкупно само пет гола.
– Навас донесе сигурност на голот што му е многу потребна на тимот, забележливо е дека тој им ја пренесува смиреноста на соиграчите околу него. Никој сега не зборува дека ПСЖ има проблем со голманската позиција – вели поранешниот голман на ПСЖ, пред десетина години, Махаел Ландро.