Војводата од Кембриџ е навивач на европскиот првак од 1982 година, Астон Вила, уште од училишните денови, бидејќи сакал да навива за поинаков клуб од неговите пријатели кои главно се определувале за Манчестер јунајтед или за Челси, пренесува „Би-би-си“

Астон Вила е новиот премиерлигаш по триумфот над Дерби во плејоф-финалето во дивизијата Чемпионшип, со 2-1, во мечот што се нарекува и „најбогат на светот“. Покрај Астон Вила, нови членови на Премиер лигата, како прво и второпласирани во регуларниот дел од лигата, се Норич и Шефилд јунајтед.

Триумфот на Астон Вила во ложата на преполниот стадион „Вембли“ го поздрави и принцот Вилијам, кој не ги криеше радоста и емоциите. Како што пренесува „Би-би-си“, војводата од Кембриџ на Гари Линекер му кажал дека е навивач на Астон Вила уште од училишните денови, бидејќи сакал да навива за поинаков тим од неговите пријатели кои главно се определувале за Манчестер јунајтед или за Челси. Тој се одлучил за тим од „средината на табелата“, што ќе му даде „емотивни моменти“, тим со славно минато со кој би можел да се поврзе.

Пласманот на Астон Вила, европскиот првак од 1982 година и седумкратен шампион на Англија, во повисок ранг по тригодишна пауза, како што пресметаа англиските медиуми, ќе ѝ донесе заработка од околу 200 милиони евра во следните три сезони. Поразениот Дерби нема да добие ништо освен нова сезона во Чемпионшип.
Финансиските аналитичари од групацијата „Делојт“ пресметале дека таа сума може да порасне и до 300 милиони фунти (340 милиони евра) во текот на следните пет сезони, доколку Астон Вила не испадне од Премиер лигата следната сезона. Парите доаѓаат од вносните ТВ-договори за пренос на мечевите во Премиер лигата, односно од новиот тригодишен договор што почнува сезонава и вреди околу шест милијарди евра. На секој клуб му се загарантирани над 100 милиони евра годишно, плус по над 40 милиони евра во следните две сезони ако испаднат во понизок ранг (за подобро снаоѓање во новата лига).

– Секој клуб што во одреден период редовно ќе настапува во Премиер лигата може да се очекува да се најде меѓу првите 30 на листата најбогати клубови во светскиот фудбал – вели менаџерот на Делојт, Сем Бур.


Повеќе гледачи од некои премиерлигаши

Астон Вила и Дерби се меѓу фудбалските клубовите со најмногу навивачи во првенствата на Англија. Просекот на посетители на домашните натпревари на Астон Вила сезонава во дивизијата Чемпионшип изнесуваше 36.029 гледачи, што е 10-ти просек во земјата, а на Дерби 26.850 гледачи, што е поголема бројка од таа на шест актуелни англиски премиерлигаши.