Бруно Фернандеш

Мислам дека генерално клубовите се многу внимателни во врска со зделките во зима, сакаат да се осигуруваат дека со тоа прават исчекор напред или дека одат во вистина насока. Ова ја потврдува важноста на трансфер-стратегиите, како што се ангажирањата играчи на заеми со можност за купување, како и сѐ поголемото внимание на младите таленти од клупските академии последниве години, вели Тим Бриџ, директор во „Делојт“

Премиерлигашките клубови во јануарскиот преоден рок потрошија 273,5 милиони евра, што е повеќе од лани (214,2 милиони), но и доста помалку од пред две години кога за купопродажба на фудбалери потрошија 511,8 милиони евра, објави спортската бизнис групација,„Делојт“.
Според Тим Бриџ, директор во „Делојт“, јануарската бројка на потрошени пари ја покажува неподготвеноста на најголемите и најбогати клубови да купуваат играчи на половината од сезоната, освен ако не станува збор за врвни играчи, кои би им помогнале да ги остварат амбициите.

– Ангажирањата на Емерик Лапорт и на Вирџил ван Дајк, пред две години во јануари, од клубови што беа и се на врвот во Премиер-лигата, се добри примери за добра процена и за добро инвестирани пари. Мислам дека генерално клубовите се многу внимателни во врска со зделките во зима, сакаат да се осигуруваат дека со тоа прават исчекор напред или дека одат во вистина насока. Ова ја потврдува важноста на трансфер-стратегиите, како што се ангажирањата играчи на заеми со можност за купување, како и сѐ поголемото внимание на младите таленти од клупските академии последниве години – вели Бриџ.

Манчестер јунајтед го направи најскапиот трансфер зимава со ангажирањето на Бруно Фернандеш од Спортинг за 56 милиони евра. Тотенхем потпиша договор со играчот од средниот ред на Бетис, Џовани ло Селсо, кој беше на заем кај нив, за 32,2 милиони, како и со Стивен Бергвин од ПСВ Ајндховен за 32 милиони евра, а го продадоа Кристијан Ериксен во Интер за 20 милиони евра. Шефилд јунајтед му плати 26 милиони евра на Генк за Сандер Берге, а Вулверхемтон потроши 20 милиони за португалскиот крилен играч, Даниел Поденс од Олимпијакос. Астон Вила го доведе Мбавана Самата од Генк за 12 милиони евра, а Вест Хем во последен момент се засили со напаѓачот на Хал сити, Џерод Боувен, за 21,5 милион евра.
Во Шпанија, Реал Мадрид за младиот Реиниер Жезус од Фламенго плати 31 милион, а во Германија, Борусија Дортмунд го купи младиот Ерлинг Браут Холанд од Салцбург за 20 милиони евра.

Вкупно со летниот преоден рок кога беа потрошени 1,67 милијарда евра, вкупно во сезоната 2018/2019 премиерлигашките клубови за трансфери дале речиси две милијарди евра. Тоа, сепак, е доста помаку од рекордните 2,26 милијарди во сезоната 2017/2018 (ланската сезона 1,9 милијарда).
Бриџ очекува во следните преодни рокови потрошувачката и натаму да расте со оглед на фактот дека ќе растат и приходите на клубовите.
– Бројките се фрапантни, и кога ќе ги погледнете реакцијата може да биде „леле, ова е многу“. Сепак, во контекст, тоа е дел од приходите што ги остваруваат клубовите, приближно една третина. Таков е трендот во последните петнаесетина години и очекуваме таа пропорционалност да остане – вели Бриџ.


Најголемите зимски зделки

Двата најголеми јануарски фудбалски трансфери досега се случија во 2018 година и во двата беше вклучен Ливерпул. „Црвените“ ѝ го продадоа на Барселона Филипе Кутињо за сума што може да се искачи на 170 милиони евра, а потоа потрошија 90 милиони евра за Вирџил ван Дајк, центархалфот на Саутемптон. Следните најголеми јануарски трансфери на англиските клубови беа ангажманот на крилниот играч на Борусија, Кристијан Пулишиќ во Челси, 2019-та за 70 милиони, а во 2018 година, Манчестер сити го купи дефанзивецот на Атлетик, Емерик Лапорт, за 67,8 милиони евра.