Помалото трошење пари во јануари во текот на минатите години покажува дека на зимскиот преоден рок, на средината од сезоната, сѐ повеќе се гледа како на непожелно време за водење бизнис
Клубовите од англиската Премиер-лига имаат можност до утре да ги засилат своите редови, но барем досега нема поголема желба за трошење пари во јануарскиот преоден рок. Помалото трошење пари во јануари во текот на минатите години покажува дека на зимскиот преоден рок, на средината од сезоната, сѐ повеќе се гледа како на непожелно време за водење бизнис.
Лани во јануари вкупната потрошувачка на премиерлигашките клубови изнесуваше 213 милиони евра, од кои речиси една третина потроши Челси за Кристијан Пулишиќ. Таа сума беше многу помала од рекордните 508 милиони евра потрошени во јануари 2018, кога имаше неколку мегауспешни трансфери, на Вирџил ван Дајк, Пјер-Емерик Обамејанг и на Емерик Лапорт.
Манчестер Јунајтед е во завршни преговори со Спортинг околу португалскиот репрезентативец Бруно Фернандеш, кој би требало да го чини 55 милиони евра и кој би требало да ја подобри играта на средината на теренот, со тоа и резултатите.
– Тежок е зимскиот преоден рок, секогаш бил таков. Не можам да се сетам колку добри зделки сме договориле во јануари. Многу е тешко затоа што клубовите не сакаат да ги загубат најдобрите играчи – вели менаџерот на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер.
Предноста на Ливерпул од 16 поени пред Манчестер сити на врвот на табелата ја намали потребата за засилување на двата тима во борбата за титулата.
Шефот на Сити, Пеп Гвардиола, минатите месеци изјавуваше дека неговиот клуб нема да прави бизнис во јануари за да ја засили одбраната пред нокаут-фазата во ЛШ.
– Клубовите не сакаат да ги продадат играчите за кои сме заинтересирани во јануари – вели Гвардиола.
Импресивната кампања на Ливерпул кон првата титула по 30 години е базирана на паметните купувања, како што беше последниот случај со активирање на откупната клаузула од 8,8 милиони евра на јапонскиот интернационалец Такуми Минамино од Салцбург.
Другите клубови беа присилени да пазарат во јануари поради повредите на клучните играчи. Тотенхем бара напаѓач за да го замени повредениот Хари Кејн, кој, како што стојат работите, ќе го пропушти остатокот од шампионатот.
Но има и такви клубови што загубија многу пари по низата лоши инвестиции.
Евертон и Вест Хем се меѓу осумте англиски клубови во првите 20 во „Фудбалската парична лига“ на Делојт кога станува збор за приходите. Но Евертон овој месец објави загуби од 132,5 милиони евра, што значи дека се потребни намалувања на трошоците за да го избегнат кршењето на „ферплејот“ во Премиер-лигата за следната година.
Вест Хем е во зоната за испаѓање, што би можело да значи „панично купување“ во последен миг. Но по потрошените 253 милиони евра за играчи во минатите четири години, тие најавија големи загуби за фискалната 2019 година (до 31 мај) и им се закануваат „сериозни финансиски последици“ доколку испаднат од лигата.