Актуелниот светски шампион Франција одигра нерешено дома со Украина, 1-1, а вицешампионот Хрватска загуби на гости од Словенија, 0-1. Првпат откако ФИФА реши светскиот првак да не се квалификува директно на СП (од квалификациите за СП 2006) бранителот на титулата не победува во воведниот натпревар во следниот циклус квалификации
ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022 ВО КАТАР
Само реми за актуелниот светски првак Франција на домашен терен против Украина, 1-1, и пораз на светскиот вицепрвак Хрватска на гостувањето против Словенија, 0-1, во натпреварите од првото коло во европските квалификации за фудбалското Светско првенство (СП) во 2022 година во Катар.
Првпат откако Светската фудбалска федерација (ФИФА) реши светскиот првак да не се квалификува директно на едно СП (од квалификациите за СП 2006) бранителот на титулата не победува во воведниот натпревар во следниот циклус квалификации. Во квалификациите за СП 2018 во Русија, првакот од Мундијалот во 2014 година, Германија, во првото коло ја совлада Норвешка со 3-0. Во квалификациите за СП 2014, бранителот на титулата од 2010 година, Шпанија, беше подобар од Грузија, со 1-0, во квалификациската кампања за СП 2010, првакот од 2006 година, Италија, триумфира над Кипар со 2-1, а победи и Бразил, првакот од 2002 година, во 1-то коло од квалификациите за СП 2006, со Колумбија, 2-1. На тие четири меча светските прваци гостуваа.
Украина, еден од ривалите на Македонија на Европското првенство (ЕП), неочекувано, но заслужено со еден бод се враќа од гостувањето во Франција и покажа дека е квалитетна селекција против која ќе биде тешко да се игра.
– Имавме план и тој функционираше, се обидовме да не оставаме многу простор зад себе (формација 5-4-1) и да ги запреме најдобрите играчи на францускиот тим. Знаев дека ќе биде тешко, а на играчите пред натпреварот им реков дека мора да бидеме одлични како тим. Мислам дека го заслуживме бодот – изјави украинскиот селектор Андриј Шевченко.
Вториот противник на Македонија на ЕП годинава, Холандија, загуби на гостувањето во Турција со 2-4, во квалитетен и возбудлив натпревар. Јунак на мечот беше Бурак Јилмаз (35), кој постигна хет-трик (три гола), прв за него во националниот дрес. Турција ја продолжи серијата добри резултати за што сведочи фактот дека загуби само еднаш на претходните девет натпревари. За Холандија ова беше само четврти пораз на претходните 43 натпревари во квалификациите за СП, но тие четири порази се од претходните девет меча.
Лука Модриќ против Словенија (0-1) го одигра 134-от натпревар (постигна и 16 гола) за Хрватска со што се изедначи со досегашниот рекордер Дарио Срна. Модриќ, фудбалерот на Реал Мадрид, првиот меч за Хрватска го одигра во март 2006 година, против Аргентина. Под водство на Модриќ, Хрватска настапи на по три ЕП и СП, а на СП 2018 во финалето загуби од Франција.
Србија под водство на новиот селектор, Драган Стојковиќ, ја победи Р Ирска (3-2), чиј селектор Стивен Кени е без победа на деветте дуели откако е на таа функција. Играч на мечот беше Александар Митровиќ, кој постигна два гола, вкупно 38. Душан Тадиќ асистираше при постигнувањето на трите гола.
РЕЗУЛТАТИ, 1. КОЛО
Група А: Португалија – Азербејџан 1-0, Србија – Република Ирска 3-2. Идно коло (утре): Србија – Португалија, Р. Ирска – Луксембург.
Група Д: Франција – Украина 1-1, Финска – БиХ 2-2. Идно коло (недела): Казахстан – Франција, Украина – Финска.
Група Е: Белгија – Велс 3-1, Естонија – Чешка 2-6. Идно коло (утре): Белорусија – Естонија, Чешка – Белгија.
Група Г: Гибралтар – Норвешка 0-3, Летонија- Црна Гора 1-2, Турција -Холандија 4-2. Идно коло (утре): Црна Гора – Гибралтар, Холандија – Летонија, Норвешка – Турција.
Група Х: Словенија – Хрватска 1-0, Кипар – Словачка 0-0, Малта – Русија 1-3. Идно коло (утре): Русија – Словенија, Хрватска – Кипар, Словачка – Малта.
СИНОЌА ИГРАА: Група Б: Шпанија – Грција, Шведска – Грузија. Група Ц: Бугарија – Швајцарија, Италија – Северна Ирска. Група Ф: Израел – Данска, Молдавија – Ф. Острови, Шкотска – Австрија. Група И: Андора – Албанија, Англија – Сан Марино, Унгарија – Полска. Група Ј: Романија – Македонија Германија – Исланд, Лихтенштајн – Ерменија.