ОД СТРУЧЕН АГОЛ

На ова ЕП сѐ повеќе селекции го применуваат системот со тројца играчи во последната линија или 3-5-2, со варијации во дефанзивниот дел. Впечатлива беше агресивноста кај некои репрезентации во првата зона на противникот, со брза транзиција при освоена топка во в тората зона. Тактизирањето, имајќи предвид дека се први натпревари во групите, изостана на повеќето дуели. За нас остануваат уште два меча, првиот веќе денеска со Украина, а верувам дека анализата е подготвена и дека нашите фудбалски херои, предводени од Пандев, не го кажале последниот збор и дека ќе нѐ израдуваат како и многупати досега

Горазд Михајлов

Помина првото коло од Европското првенство (ЕП), историско поради настапот на нашата репрезентација, кое можеше да биде и подобро резултатски, но не треба да жалиме. Оставивме солиден впечаток, борбата и желбата беа присутни, но, сепак, Aвстријците се потврдија како навистина незгоден тим за нас, ги искористија шансите што ги имаа, но, сепак, резултатот е можеби висок. За нас остануваат уште два меча, првиот веќе денеска со Украина, а верувам дека анализата е подготвена и дека нашите фудбалски херои, предводени од Пандев, не го кажале последниот збор и дека ќе нѐ израдуваат како и многупати досега. Нѐ очекуваат дуели со Украина и со Холандија и мислам дека имаме капацитет и ќе се претставиме во позитивно светло.
Првото коло даде јасна слика на евентуалните „фаворити“ на ЕП, пред сѐ тука мислам на Италија, Португалија, Белгија, Холандија, Франција, кои уште на стартот ја дефинираа својата кандидатура за трофејот. Шпанија не успеа да ја совлада дефанзивно ориентираната Шведска, а Германија ќе мора да се помачи за да се врати во колосек. Сепак, има уште две кола, а и третото место носи пласман понатаму иако со потежок противник.

На ова ЕП сѐ повеќе селекции го применуваат системот со тројца играчи во последната линија или 3-5-2, со варијации во дефанзивниот дел. Впечатлива беше агресивноста кај некои репрезентации во првата зона на противникот, високиот пресинг, со брза транзиција при освоена топка во втората зона. Некои селекции уште играат традиционално со четворка во последната линија, но затоа, пак, бековите играат многу високо. Скандинавците не отстапуваат од формацијата 4-4-2, а од селекциите што секогаш имаат високи амбиции Италија го практикува системот 4-2-3-1, Франција 4-4-2 (средниот ред беше во ромб), Германија 3-4-2-1…

Тактизирањето, имајќи предвид дека се први натпревари во групите, изостана на повеќето дуели, но веројатно тоа се должи на фактот што и третото место може да носи пласман во следната фаза. За изненадување би го издвоил историскиот триумф на Финска против Данска, но тогаш се случи оној немил настан со Ериксен и психолошкиот момент, кој придонесе Данците да не можат да победат или барем да израмнат. Добро е што Ериксен е во добра здравствена состојба и верувам дека ќе изнајдат сили и да поминат понатаму.