Настапувајќи за Работнички, Филиповски стана еден од најпопуларните македонски фудбалери, а во 1972 година беше голгетер во второлигашката конкуренција. Вардар го бараше, но тој до крајот на кариерата им остана верен на „железничарите“. Крајот од фудбалското патешествие беше заокружен со претседателските функции прво во ФСМ, а потоа и во ФСЈ

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (191) ТОМЧЕ ФИЛИПОВСКИ (2)

Името на Томче Филиповски сигурно ќе биде запишано со „златни букви“ во историјата на ФК Работнички. Тој од своите младински денови почна да настапува за клубот од Дебар Маало и цели 18 години остана во него. Томче ги одбиваше сите понуди, дури и од прволигашите Раднички од Ниш и ОФК Београд. Постојано имаше притисок да дојде во Вардар, особено тоа го посакуваа Мето Спасовски и Кирил Дојчиновски. Тие го убедуваа дека со неговото доаѓање тимот ќе биде поквалитетен и поефикасен. Но тој им остана верен на дебармаалци.
– Мислев дека ќе ги изневерам другарите од маалото и затоа ја одбив понудата од Вардар, во кој инаку во тоа време минаа неколку играчи меѓу кои Јастрад Јаневски и Димитар Ковачевски. Во почетокот многу инсистираше да одам во Вардар неговиот претседател Блажо Ристоманов, кој ми беше претпоставен во ГП „Бетон“, каде што работев како економист, а тој беше генерален директор. Откако и тој виде дека не може да ме убеди крена раце и остави сам да одлучувам за својата фудбалска иднина, а во „Бетон“, каде што многумина мислеа оти ќе ми прави пречки во професионалната работа, се случи токму спротивното. Без оглед на тоа што „генералниот“ беше прв човек на Вардар, гледајќи колку совесно и дисциплинирано ги извршувам задачите ме назначи за раководител на економскиот сектор во фирмата. Тоа беше големо охрабрување за мене да продолжам со уште поголем елан во работата, но и на фудбалскиот терен. Сега бев некако порастоварен. Комплетно му бев посветен на Работнички, во кој се создаде една убава атмосфера и во следните години откако се враќавме во Втората лига, бевме стандардни и почитувани од сите противници – вели Филиповски.

СОСТАВ ЗА ПАМЕТЕЊЕ

Тимот од Дебар Маало во втората половина од 60-тите години од минатиот век беше многу силен и цврст „орев“ за секој противник. Впрочем, кога ќе ги споменеме имињата на фудбалерите што ги бранеа боите на клубот сѐ ќе стане јасно. Тука беа Чочков, Гилевски, Тодоровски, Богатиновски, Панговски, Каратошев, Зигоманов, Ѓоко Димитровски, Живко Поповски-Чик, Јаневски, Цветановски, Поер, Кировски, Наков, Богоевски, Цубалевски…
– Секој од овие фудбалери имаше квалитети и за Првата лига, а тоа со неколкумина и се случи. Јас, како што реков, не сакав да ја менувам средината и погледите ми беа насочени кон усовршување во работата, но без потценување на обврските што ги имав и како фудбалер – вели Филиповски.
А Томче не само што максимало ги извршуваше обврските, туку беше главен играч на тимот. Впрочем и неговиот биланс како голгетер ќе го потврди тоа: тој беше прв стрелец на Втората лига исток во сезоната 1971/72, а во својата кариера шест пати постигна хет-трик, а на шест натпревари ја надмина бројката од три и беше стрелец на четири погодоци. Имаше случаи кога беше стрелец и на пет гола.

СО „УРАГАНСКИ“ НАПАД ДО ПРЕСВРТ И ПОБЕДА

– Има многу натпревари на кои се сеќавам, а на некој начин беа интересни. На пример, во натпреварот со Дубочица од Лесковац, по нивното водство со 2-0 во првото полувреме, во второто дојде до целосен пресврт. Постигнав гол за 2-1, потоа уште два за во тој урагански налет да дојдеме до победа со 3-2. Интересно е дека јас и целиот тим на Работнички брзо влегувавме во форма. Ни беа потребни само две недели за да го достигнеме врвот од формата. Пример за ова е мечот со Будуќност од Пеќ, кога по 14-дневни тренинзи победивме, јас ги постигнав сите голови, а другарите, не верувајќи оти може да се случи тоа, пред мечот ми рекоа, ако дадеш пет гола ќе мора да ги избричиш мустаќите. И, верувајте по четвртиот гол се колебав, дали ако ми се укаже шанса да постигнам и петти гол, ама ми „легна“ една топка што заврши во голот. Победивме, а јас останав без мустаќи – нѐ враќа на тоа време Филиповски.
Филиповски ја одделува и победата над белградски Раднички, кога на голманот Кораќ, брат на покојниот кошаркар Радивое-Жучко, на Карабурма постигна три гола, за победа со 3-1.
– Интересно е дека вториот и третиот гол ги постигнав во мојот добро познат стил со ножички. Незаборавно за мене ќе биде и финалето на Купот на републиките, кога во предигра на репрезентативниот меч Југославија – Бугарија, во Белград пред повеќе од 50.000 гледачи ја победивме Словенија со 3-1, а јас во вистинска смисла на зборот се обрукав кога промашив зицер од само три метра. Ми доаѓаше да пропаднам во земја. Но, сепак, победата придонесе брзо да го заборавам овој момент – вели тој.
Долг е списокот на натпреварите и головите што ги постигна Томче Филиповски, за нив може да се напише и книга. Но конечно по богатата кариера во 1973 година, по 18 години активно играње, ги остави копачките. Во меѓувреме двапати беше избиран на ранг-листата на најдобрите македонски фудбалери, на која по еднаш беше трет и четврти.

ДВЕ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ФУНКЦИИ

Колку Филиповски го задолжи фудбалот зборува и податокот што по предлог на долгогодишниот генерален секретар на ФСМ Симо Балвански, тој беше поставен за претседател на Здружението на прволигашите во МФЛ.
– Претходно имав понуди за тренер и за судија, но сите ги одбив сѐ додека не дојде официјална покана од ФСМ да раководам со Здружението на македонските прволигаши. Тогаш, тоа здружение имаше значајна улога и под негова јурисдикција се одвиваа прволигашките натпревари. Имаше и најразлични комисии, но здружението за разлика од сега, не знам дали и воопшто постои, беше тоа чиј збор беше последен. Потоа, со својата работа и ангажирање ја добив довербата на фудбалските работници и во 1986 година станав претседател на тогашниот Фудбалски сојуз на Македонија. По две години бев назначен и за прв човек на југословенскиот фудбал и станав претседател на ФСЈ. Некои од помладите во сојузот што не ме познаваа, кога ќе слушнеа за мојата кариера како фудбалер на Работнички, со кој една година бев прв стрелец, а неколку сезони и меѓу првите пет стрелци во Втората, мошне силна лига, со почит гледаа кон мене и веруваа во моите одлуки. Во тоа време голема поддршка ми даде и Миљан Миљаниќ, кој беше, ми се чини, најголемиот авторитет во фудбалот на поранешна Југославија. Тој ја следеше мојата работа, а кога беше потребно нешто витално да се „пресече“ се советував со него. Миљан беше со големо искуство и целосно посветен на фудбалот. Дури и по дебаклот на Олимпијадата во 1988 година Миљаниќ нѐ пречека на аеродром со краток коментар „ова е фудбал, сѐ може да се случи, никогаш со сигурност не можеш ништо да прогнозираш“. Тоа ме утеши и ми даде волја веднаш со стручниот штаб, на чие чело како селектор беше Ивица Осим, да изготвиме програма за она најбитното што нѐ очекуваше, а тоа беа квалификациите за Светското првенство во 1990 година. Како сојуз, заедно со стручните служби и со селекторот Осим, функциониравме беспрекорно и на три кола пред крајот од квалификациите го обезбедивме пласманот на СП – вели тој.

Томче Филиповски и тогаш, а и сега од оваа временска дистанца уште жали што на СП 1990 во Италија не стигнавме до полуфиналето.
– Во четврт-финалето загубивме на пенали од Аргентина. Не можам да опишам колку за победата беше среќен Марадона. Тој скокаше и се радуваше како мало дете. Доколку ја поминевме оваа пречка, верувајте, можевме да станеме и светски прваци – рече тој.
По Светското првенство, Томче Филиповски остана на челното место во југословенскиот фудбал. Потоа, дојде распадот на поранешната држава, па така тој ќе биде запаметен како последен претседател на Фудбалскиот сојуз на Југославија. Денеска нема фудбалски ангажмани и понатаму живее во Дебар Маало, а едниот од двата внука игра во подмладокот на Вардар. Можеби тој ќе биде неговиот наследник? Инаку, синот Владимир и ќерката Весна се доктори стоматолози, а мајката Олгица секогаш беше нивната поддршка, исто како што му беше на својот сопруг Томче кога тој чекореше по фудбалскиот пат.