ФУДБАЛ

Меѓу 16-те најдобри се и актуелниот европски и светски првак, потоа водечката селекција на листата на ФИФА… Дерби-средбите се Белгија – Португалија утре и Англија – Германија во вторник, ждрепката на двојките дава можност за потенцијални дерби-мечеви и во следните фази од натпреварувањето, но во финалето на ЕП 2020 нема да може да има репризи на финалињата на ЕП 2012, ЕП 2016, СП 2018…

Со мечевите денеска, Велс – Данска од 18 часот во Амстердам и Италија – Австрија од 21 часот во Лондон, почнува разврската на патот кон титулата на фудбалското Европско првенство (ЕП). Во игра се 16 селекции од првото до 40-то место на мајската ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Првото големо дерби на програмата е утре, помеѓу водечката на листата на ФИФА, Белгија (и една од трите селекции со три победи во групната фаза, заедно со Италија и со Холандија) и актуелниот европски првак Португалија, а во вторник е и средбата помеѓу некогашните светски шампиони Англија и Германија.

Од другите репрезентации, победникот на групата во која играше и Македонија, селекцијата на Холандија, утре игра со Чешка, актуелниот светски шампион Франција игра в понеделник со Швајцарија, кога и Хрватска се среќава со Шпанија, а Шведска и Украина играат меѓу себе во вторник.
– За разлика од минатото ЕП, каде што фаворити за титулата беа една-две, а најмногу три репрезентации, на ова ЕП има седум-осум фаворити. Токму оти нема изразит фаворит, ова ЕП е интересно. Според мене, по трите изминати натпревари на ЕП, како и она што го покажаа во квалификациите, највпечатлива игра покажа, а и мој фаворит е Италија – вели македонскиот тренер Ѓоре Јовановски.

Ждрепката на двојките дава можност за потенцијални дерби-средби и во следните фази од натпреварувањето, но, на пример, јасно е дека едниот финалист ќе биде од делот на ждрепката каде што се Белгија, Португалија, Италија, Австрија, Франција, Швајцарија, Хрватска и Шпанија, а вториот ќе биде една од селекциите на Велс, Данска, Холандија, Чешка, Англија, Германија, Шведска и на Украина. Така, во финалето на ЕП 2020 нема да може да има репризи на финалињата на ЕП 2012 (Шпанија – Италија), ЕП 2016 (Португалија – Франција) или СП 2018 (Франција – Хрватска), оти соодветните селекции се на истата страна на ждрепката и може да играат меѓу себе пред финалето.
– Типувам на Италија и на Франција за титулата европски првак, но според она што го видов досега, нема да биде изненадување ако некој друг изненади, што впрочем и го прави фудбалот толку многу интересен – вели некогашниот меѓународен фудбалски судија Емил Божиновски.