Македонија, која во второто издание ќе настапи во Лигата Ц, по успехот во првата сезона со првото место во групата во Лигата Д, в сабота во 1-то коло игра во Скопје со Ерменија, а три дена подоцна е средбата со Грузија на гости

ФУДБАЛ

Македонската репрезентација денеска треба да ги почне подготовките за дуелот в сабота (15 часот, без публика) во Скопје со Ерменија, со кој ќе ги почне натпреварите во втората сезона на Лигата на нациите (ЛН) на Европската фудбалска унија (УЕФА). Три дена подоцна е средбата со Грузија на гости. Македонија во новото издание на натпреварувањето е во Лигата Ц (група 2), откако во првото издание беше победник на една од групите во Лигата Д, со што се пласира еден ранг погоре. Во групата 2 уште е и репрезентацијата на Естонија.
Селекторот Игор Ангеловски го објави списокот со фудбалери на кои смета за првите два дуела.

– Овие фудбалери на македонската репрезентација веќе подолг период остваруваат одлични резултати, како трето место во квалификациите за Европското првенство в година, прво место во групата од Лигата на нациите, пласман во баражот за Европското првенство. Очекувам во согласност со нивниот квалитет да продолжиме со позитивни игри и резултати. Овие два натпревара од новото издание на Лигата на нациите покрај резултатскиот императив ни се добредојдени и за последна проверка во пресрет на натпреварот против Косово на 8 октомври – вели Ангеловски.
Македонија и Ерменија меѓу себе играа и во Лигата Д. Во рамките на групата 4, во 2-то коло во Скопје на 8 септември 2018 година Македонија победи со 2-0. Двете селекции досега се сретнаа осум пати, имаат по три победи (по две дома и една на гости) и две ремија (двете 2-2).

Второто издание на ЛН за две селекции може да донесе и пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар. Според пропозициите, на СП ќе се пласираат десетте победници на квалификациски групи (квалификациите на програмата се в година), а десетте второпласирани и две најдобри селекции од ЛН што нема да бидат меѓу првите две репрезентации во квалификациските групи, ќе настапат во плејофот, во трка за уште три предвидени места од Европа за настап на Мундијалот во 2022 година.
Лигата на нациите и сега е поделена на четири лиги, од кои одново ќе има пласман во повисок ранг за победниците на групите во лигите Б, Ц и Д и испаѓање во понизок на четвртопласираните во групите во лигите А и Б. Бидејќи Лигата Д се состои од само две групи (сите други имаат по четири) од Лигата Ц во Лигата Д ќе се преселат само две селекции, откако четвртопласираните ќе играат плејаут за опстанок во два меча (дома и на гости).

Титулата во ЛН ќе ја брани Португалија, која лани во јуни триумфира на првиот фајналфор, што се одигра во Португалија, а на кој настапија и Англија, Холандија и Швајцарија. Второто издание почнува в четврток, со 10 дуела од првото коло во сите четири лиги.


СПИСОК

Голмани: Столе Димитриевски (Рајо Валјекано, Шпанија), Дејан Илиев (Арсенал, Англија), Дамјан Шишковски (Докса, Кипар)
Одбрана: Висар Муслиу (Фехервар, Унгарија), Егзон Бејтулаи (Шкендија), Кире Ристевски (Ујпешт, Унгарија), Стефан Ристовски (Спортинг, Португалија), Дарко Велковски (Риека, Хрватска), Ѓоко Зајков (Шарлроа, Белгија), Кристијан Тошевски (Тирана, Албанија)
Среден ред: Енис Барди (Леванте, Шпанија), Аријан Адеми (Динамо, Хрватска), Бобан Николов (Фехервар, Унгарија), Стефан Спировски (АЕК, Кипар), Езџан Алиоски (Лидс, Ангелија), Елиф Елмас (Наполи, Италија), Даниел Аврамовски (Кајзериспор, Турција)
Напад: Горан Пандев (Џенова, Италија), Иван Тричковски (АЕК, Кипар), Илија Несторовски (Удинезе, Италија), Александар Трајковски (Мајорка, Шпанија), Крсте Велкоски (Сараево, БиХ), Влатко Стојановски (Шамбли, Франција)


ЛИГА НА НАЦИИ, 1. КОЛО

Лига А
Група 1: Италија – БиХ, Холандија – Полска
Група 2: Данска – Белгија, Исланд – Англија
Група 3: Португалија – Хрватска, Шведска – Франција
Група 4: Германија – Шпанија, Украина – Швајцарија
Лига Б
Група 1: Норвешка – Австрија, Романија – С. Ирска
Група 2: Словачка – Чешка, Шкотска – Израел
Група 3: Русија – Србија, Турција – Унгарија
Група 4: Финска – Велс, Бугарија – Р. Ирска
Лига Ц
Група 1: Кипар – Црна Гора, Азербејџан – Луксембург
Група 2: Македонија – Ерменија, Естонија – Грузија
Група 3: Словенија – Грција, Молдавија – Косово
Група 4: Белорусија – Албанија, Литванија – Казахстан
Лига Д
Група 1: Фарски Острови – Малта, Летонија – Андора
Група 2: Гибралтар – Сан Марино. Слободен е Лихтенштајн