Со утрешните мечеви Манчестер сити – Борусија Дортмунд во Чикаго (САД) и Баерн – Пари сен Жермен во Клагенфурт (Австрија) почнува досега најконкурентното издание на Интернационалниот куп на шампионите.
Ова ќе биде вкупно шеста година како се одржува оваа серија пријателски средби пред почетокот на новата сезона во Европа, но сега со 18 силни клуба од Европа. Натпреварувањето ќе трае до 12 август, а ќе се игра во девет земји на три континента.
Според најавите, секој од 18-те тима ќе одигра по три натпревари, за вкупно 27 за време на Купот. Секој тим во тие три меча ќе собира бодови и потоа ќе се формира табела според која ќе биде прогласен шампионот.
Покрај Манчестер сити и Борусија, во Купот на шампионите ќе играат и Арсенал, Атлетико, Барселона, Баерн, Бенфика, Челси, Интер, Јувентус, Ливерпул, Манчестер јунајтед, Милан, Пари сен Жермен, Реал Мадрид, Рома, Лион и Тотенхем. Од овие 18 клуба, во новата сезона на Лигата на шампионите на Европа сигурно ќе играат 14, а еден ќе настапи во квалификациите.
Мечевите ќе се играат во Австрија, Англија, Франција, Италија, Португалија, Сингапур, Шпанија, Република Ирска и во САД.