Во непосредна близина на стадионот на Влазереими во Кичево, започна изградбата на првиот терен со вештачка трева во овој град. Средствата за оваа намена во износ од околу 350 000 евра, ги обезбеди Фудбалската федерација на Македонија, а локалната самоуправа има обврска да ги изгради пристапните патишта до новиот терен.
Целокупниот зафат треба да заврши за 6 месеци, а изведувач на работите е една локална компанија.
-Деновиве започна изградбата на првиот терен со вештачка трева во нашата општина. Теренот е лоциран во непосредна близина на стадионот на Влазерими во Кичево. За да се постави новиот пластичен терен, изграден е фундамент со височина од 0,80 метри што ќе овозможи новиот терен и при излевање на реката, како претходната пролет, да биде целосно безбеден. Димензиите на новата пластична подлога ќе изнесуваат 101-71 метар, каде ќе се вклопи фудбалски терен со должина од 95 и широчина од 64 метри. Новиот вештачки терен ќе биде завршен за 6 месеци, а истиот е произведен во Италија. Средствата за овој терен во износ од околу 350 000 евра ги обезбеди Фудбалската федерација на Македонија – истакна Ружди Алиу, менаџер на компанијата изведувач на работите.
Според најавата од ОФС Кичево, овој терен ќе им биде ставен на располагање на сите клубови кои се регистрирани на ова подрачје, така што сите ќе можат рамноправно да го користат, поготово во периоди кога не е возможно да се работи на терените со природна подлога.
З.А.