Шкендија вечерва го игра првиот меч со Шериф, од второто коло од квалификациите
за Лигата на шампионите
Шкендија денеска од 20.15 часот во Скопје го пречекува молдавскиот фудбалски првак Шериф во меч од второто коло од квалификациите за Лигата на шампионите, а ако биде подобар во двомечот, во третото коло противник ќе биде австрискиот шампион Салцбург. Македонскиот првак во претходното коло го елиминира велшки ТНС, со вкупен резултат 5-4, а Шериф беше подобар од грузиски Торпедо со 4-2.
Шериф е рекордер во Молдавија со 16 титули и со девет трофеи од купот на таа земја. Во европските купови најголемиот успех на Шериф се четирите пласмани во групната фаза од Лига Европа. Во минатата сезона, на пример, тимот го освои третото место во групата Ф со девет бода, колку што имаше и второпласираниот Копенхаген, но со подобар меѓусебен скор (резултати: со Копенхаген 0-0 и 0-2, со Злин 0-0 и 1-0, со Локомотив Москва 1-1 и 2-1). Во екипата има 15 интернационалци. Во новата сезона во првенството на Молдавија, по 14 кола, Шериф е во водство со 33 бода, три повеќе од Милсами.
Салцбург во минатата сезона играше во полуфиналето на Лига Европа, каде што загуби од француски Марсеј, а на патот дотаму ги елиминира, на пример, Реал Сосиедад и Борусија Дортмунд. Дуелите од третото квалификациско коло се предвидени за 7 и за 14 август, а Салцбург во првиот меч би играл дома.
Некои други двојки од второто коло се Астана – Митјиланд, Лудогорец – Видеотон, Клуж – Малме, Динамо (З) – Хапоел БШ, Црвена звезда – Судува, Селтик – Розенборг, Ајакс – Штурм… По ждрепката за третото коло е јасно дека, на пример, победникот од мечот на македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, Динамо Загреб со Хапоел БШ ќе се сретне со победникот од дуелот Астана – Митјиланд, Фенербахче на Елиф Елмас со Бенфика, Видеотон на Бобан Николов би играл со победникот од дуелот Клуж – Малме, а од другите, на пример Селтик или Розенборг ќе игра со АЕК, подобриот од средбите Ц. звезда – Судува ќе се сретне со победникот од Легија – Спартак Трнава, итн.
Вчера беше влечена и ждрепката за квалификациите за Лига Европа (ЛЕ), па, така, поразениот од дуелот Шкендија – Шериф во 3-то коло од квалификациите за ЛЕ ќе се сретне со победникот од дуелот Санта Колома (Андора) – Валур Рејкјавик (Исланд).