Класата на капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев повторно дојде до израз во триумфот над Германија од 2-1, со што многумина имаат пофалби за неговата фудбалска долговечност и голгетерски способности.
Пандев ја затресе мрежата на Марк Андре Тер Штеген на асистенција на Енис Барди во судиското надополнување на првото полувреме, кога погоди од непосредна близина на противничкиот гол. Претходно Аријан Адеми се избори за топката на средина на теренот, а Александар Трајковски успеа да ја сочува на почетокот на акцијата.
Пандев на 37 години стана највозрасниот фудбалер што постигнал гол против Германија. Претходно, Норвежанецот Ханс Нордал на 35-годишна возраст ја затресол мрежата на „панцерите“ во 1953 година.
„Пандев уште дава голови и во 2021 година“, „годините се само бројка“, „повторно добриот, стар Горан Пандев“, „Пандев старее како добро вино“, „Пандев никогаш не престана да постигнува голови за Македонија“, се дел од коментарите во светските медиуми и меѓу љубителите на фудбалот на Интернет, по голот на искусниот напаѓач кој настапува за италијанска Џенова.
„Дојче веле“, пак, потсети дека кога Пандев го постигна првиот гол во репрезентативниот дрес, против Малта во 2002 година, за Германија бранеше легендарниот Оливер Кан. Пандев моментно има 37 гола на 117 настапи за Македонија. Капитенот го постигна и голот за пласман на Европското првенство во победата над Грузија од 1-0 на гости, во ноември минатата година.