Покрај мечот Грузија – Македонија од лига Д, денеска се играат уште три финални плејоф-дуели во Лигата на нациите за пласман на фудбалското Европско првенство (ЕП), во кои Унгарија игра дома со Исланд (лига А), Северна Ирска се среќава со Словачка (лига Б), а Србија ја пречекува Шкотска (лига Ц).
Победникот од дуелот Унгарија – Исланд на ЕП ќе игра во „гламурозната“ група Ф, со светскиот првак Франција, европскиот шампион Португалија и со светскиот првак од 2014 година, Германија. Тие натпревари ќе се играат во Будимпешта и во Минхен, што е дополнителен мотив за домаќините. Но Исланд ќе игра за пласман на трет последователен голем турнир.
Србија ја пречекува Шкотска, која последен пат настапила на голем турнир пред 22 години, на Светското првенство во 1998 година во Франција. Победникот од тој дуел на ЕП ќе настапи во групата Д, со Англија, Хрватска и со Чешка.
Северна Ирска ја совлада БиХ на пенали во полуфиналето, со што си обезбеди плејоф-финале против Словачка во Белфаст, со надеж дека ќе го повтори успехот од 2016 година. Победникот од тој дуел ќе настапи на ЕП во групата Е, во која се Шпанија, Шведска и Полска. Л.Д.

ЛИГА НА НАЦИИ, ФИНАЛЕ НА ПЛЕЈОФОТ

Грузија – Македонија 18 ч.
Унгарија – Исланд 20.45 ч.
С. Ирска – Словачка 20.45 ч.
Србија – Шкотска 20.45 ч.