За првакот на Европа, Ливерпул, ова е четврто вакво финале, а за првакот на Јужна Америка, Фламенго, второ. Двата тима играа за светската титула во 1981 година, кога Фламенго, предводен од Зико, победи со 3-0
Шампионот на Европа, англискиот Ливерпул, против шампионот на Јужна Америка, бразилскиот Фламенго, ќе играа во утрешното финале (18.30 часот) на клупското фудбалско Светско првенство (СП) во Катар. Во полуфиналните дуели Ливерпул беше поуспешен од мексиканскиот Монтереј (2-1), а Фламенго од Ал Хилал од Саудиска Арабија (3-1).
Финалето ќе биде реприза на дуелот од 1981 година меѓу овие два тима во тогашниот Интерконтинентален куп во Токио, во кој Фламенго, предводен од Зико, го совлада Ливерпул со 3-0. Ливерпул четврти пат игра во едно вакво финале, по она со Фламенго, откако потоа играше и со аргентинскиот Индепендиенте во 1984-та (0-1) и во 2005-та, кога загуби од уште еден бразилски тим, Сао Пауло (0-1). За Фламенго ова е второ финале.
Клупското СП во ваков формат почна да се игра од 2000 година, но од следната, 2001-та, па до 2004-та имаше пауза од различни причини. Од 2005 година се игра секоја година во различни земји, во Бразил, Јапонија, Обединетите Арапски Емирати, Мароко и Катар. Оттогаш Реал е најуспешниот, со четири титули светски првак, Барселона има три, Коринтијанс од Бразил две итн.
Првично, од 1980 до 2000 година, во т.н. Интерконтинентален куп, познат и под името на спонзорот, Тојота-куп, се среќаваа првакот на Европа и на Јужна Америка, под покровителство на Европската фудбалска унија (УЕФА) и на јужноамериканската (КОМНЕБОЛ). Од 1960 до 1979-та се играа по два меча, дома и на гости (понекогаш дури и плејоф, до 1968-та).
ФИФА не беше вклучена во сево ова, но бидејќи целокупната светска фудбалска јавност и тимовите победници во минатото ги нарекуваше „светски прваци“, во 2017 година реши да ги признае титулите, почнувајќи од првиот шампион, уругвајскиот Пењарол во 1960 година.
Клупското СП во ваков формат, со шампионите на седумте континенти, плус од земјата-домаќин, ќе се игра уште в година. Од 2021-та, ФИФА планира клупско СП на секои четири години со 24 екипи (осум групи со по три екипи) во Кина, кое ќе трае три недели, од 17 јуни до 7 јули.