Победниците на Европското првенство и на Копа Америка, Италија, односно Аргентина, ќе играат меѓу себе во Лондон, на 1 јуни 2022 година. Прваците на двата континента се сретнаа во 1985 и во 1993 година, тогаш за трофејот „Артемио Франки“

ФУДБАЛ – ПОТВРДЕН МЕЧОТ ИТАЛИЈА – АРГЕНТИНА

Италија против Аргентина, победниците на фудбалското Европско првенство (ЕП) 2020 и на Копа Америка ќе играат во Лондон, на 1 јуни в година. Стадионот на кој ќе се игра историскиот прв ваков натпревар допрва треба да биде потврден, откако стадионот „Вембли“ е под мониторинг поради нередите по финалниот меч на ЕП 2020, Италија – Англија. Како алтернатива се споменува стадионот на Тотенхем. Европската фудбалска унија (УЕФА) и јужноамериканскиот еквивалент (КОНМЕБОЛ) го потврдија септемврискиот договор, кој содржи три вакви интерконтинентални натпревари во следните години.
– Со голема гордост повторно промовираме престижен национален трофеј. Постои долга традиција на соработка помеѓу УЕФА и КОНМЕБОЛ, што може да се види со текот на годините со натпреварите за трофејот „Артемио Франки“ и за Интерконтиненталниот куп – изјави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.
Шампионите на најквалитетните клупски натпреварувања на двата континента, почнувајќи од 1960 година, играа секоја година меѓу себе, пред тој натпревар да се спои со клупското Светско првенство (СП) на ФИФА во 2005 година. За трофејот „Артемио Франки“, пак, двапати играа прваците на Европа и на Јужна Америка, прво во 1985 година, Франција – Уругвај (2-0), а потоа и во 1993 година, Аргентина – Данска 1-1 (5-4 на пенали).
Натпреварот, наречен „финалисима“ (големо финале), е нов чекор за поблиска соработка помеѓу УЕФА и КОНМЕБОЛ, што следува набргу откако двете конфедерации им се спротивставија на предлозите на ФИФА за реформи на меѓународниот календар, кој вклучува одржување светски првенства на две години.