Европската фудбалска унија (УЕФА) планира да воведе трето клупско натпреварување, покрај Лигата на шампионите и Лига Европа. Би-би-си ја пренесе изјавата на првиот човек на Европската асоцијација на клубови (ЕЦА) и претседател и на Јувентус, Андреа Ањели: „Дадено е зелено светло“.
Тој не дал повеќе детали за тоа како би било организирано тоа натпреварување и кога би почнало да се игра.
– На сегашниот модел му треба модернизирање. Потребна е детална процена на постојниот меѓународен календар на натпревари пред да се презентира нов модел за по 2024 година. Третиот куп би го зголемил бројот на клубови-учесници од 80 на 96 – ја пренесе Би-би-си изјавата на Ањели, на генералното годишно собрание на ЕЦА.
Во моментов во групните фази 32 тима играат во Лигата на шампионите и 48 во Лига Европа. Би-би-си ја цитира УЕФА дека „постојано го разгледува форматот на натпреварувањата и разгледува повеќе опции“.
Во минатото постоеја повеќе европски клупски натпреварувања во исто време. До пред дваесетина години истовремено егзистираа Купот на шампионите (КЕШ), Купот на куп-победниците (КПК) и Купот на УЕФА, во летните месеци и Интертото-купот, сите под ингеренции на УЕФА, а се играше и, на пример, Средноевропски куп.
Во 1993 година КЕШ стана Лига на шампионите, КПК во 1999 година се спои со Купот на УЕФА, а подоцна се ребрендира во Лига Европа. Интертото-купот (главно беше летно натпреварување) беше преземен под капата на УЕФА во 1995 година, а во 2008 година беше укинат. Средноевропскиот куп престана да се игра во 1992 година, по 65 години постоење (ЛШ сега има 63 години).