Новиот формат би вклучил 36 клуба наместо 32, во она што всушност ќе биде голема лига, но ќе се играат само 10 натпревари, по што ќе следува нокаут-фазата. Ова е обид на УЕФА да се спротивстави на идејата за создавање европска суперлига, пишува „Би-би-си“

ФУДБАЛ

Планот на Европската фудбалска унија (УЕФА) за промени во Лигата на шампионите (ЛШ) во „швајцарски стил“, од 2024 година доби воздржана поддршка од групата Европски лиги. Меѓу прашањата што уште предизвикуваат загриженост се зголемениот број натпревари и како да се распределат два од дополнителните четири термини на проширениот турнир. Евентуален плејоф по Божиќ за пласман во осминафиналето, исто така, е предмет за дискусија, пишува „Би-би-си“.
УЕФА се надева дека новата структура ќе може да ја потврди до состанокот на Извршниот комитет на 20 април. Новиот формат би вклучил 36 клуба наместо 32, во она што всушност ќе биде голема лига, но ќе се играат само 10 натпревари во групната фаза. Кои екипи ќе играат би се одредило според нивниот пласман, со тоа што натпреварите во Лигата ќе бидат замена за тековната групна фаза.
Ова е обид на УЕФА да се спротивстави на идејата од создавање европска суперлига (ЕСЛ), за која, според „Би-би-си“, уште се водат дискусии. Наоѓањето четири дополнителни предбожиќни термини за натпревари нема да биде лесно, особено во Англија, каде што календарот веќе е преполн.
– Таканаречениот „швајцарски модел“ е подобрување во споредба со порадикалните предлози што се појавија во 2019 година – се вели во соопштението на групата Европски лиги.

Но телото што претставува 37 професионални фудбалски лиги и асоцијации на клубови од 30 земји, изразува „силна загриженост поради повеќе натпревари… во и онака пренатрупаниот календар“. Исто така, се доведува во прашање „можното влијание на комерцијалните компоненти врз спортскиот и финансискиот баланс на домашните лиги“.
Според информациите, Премиер-лигата како целина воопшто не е импресионирана од концептот, особено поради оптоварувањето на домашниот календар, пишува „Би-би-си“. Исто така, најверојатно, ќе има несогласувања и околу двете „вајлд-карти“, кои се дизајнирани за да бидат заштитна мерка за најголемите европски клубови во случај да не се квалификуваат преку пласманите во домашната лига.
Реформата што ја подготвува УЕФА во ЛШ е поради тековните дискусии за евентуално формирање ЕСЛ со 20 тима. И покрај неодамнешната најава од Светската фудбалска федерација (ФИФА) дека од светските првенства ќе ги суспендира сите играчи што ќе учествуваат во такво натпреварување, „Би-би-си“ пишува оти за концептот уште се дискутира на највисоко ниво во повеќе најголеми европски клубови.


Големиот план за ЛШ по 2024 година

Во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал ќе учествуваат 36 екипи, пишува „Би-би-си“. Од кои 32 места би биле распределени како во моментов (26 автоматски квалификувани, шест преку квалификации), а од тоа четири од Патеката на шампионите, како и четири дополнителни места, главно поврзани со коефициентите. Десетте натпревари во лигата би се одиграле до крајот на декември. Секој тим ќе игра против различни противници по што осминафиналистите ќе се одредат според пласманот на табелата. Потенцијално, ќе има плејоф-рунда со екипи што ќе бидат пласирани од деветтото до 24-то место. Потоа од осминафиналето ќе следуваат нокаут-натпревари (по два меча).